Нема терапија за пациентите со рак на простата на Онкологија – „Чекаме со недели, патуваме со часови за ништо!“

На Онкологија нема блокатори на тестостерон, велат граѓани кои до редакцијата на Инфомакс испратија поплаки во врска со ситуацијата на Клиниката.
„Мојот татко е опериран од рак на простата и денес се појави уредно на својот термин без да му дадат терапија, образложение немале. На неговиот пријател кој имаше термин пред 3 недели не му беше дадена терапијата со истото образложение и ќе му се јавеле штом ќе добијат. Човекот уште чека. Како тоа терапии за онколошки пациенти да не се достапни. Луѓето не ни живеат во Скопје, мораат да патуваат со саати до Скопје и назад на своите термини за да му кажат дека НЕМА ТЕРАПИЈА, на Онкологија“ – е само една од пораките кои ги добивме.
Со прашање во врска со терапијата се обративме до Клиниката и до Министерството за здравство.
Директорт на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Игор Стојковски, потврди дека има проблеми со терапијата.
– Во врска со прашањето за достапноста на терапијата за андрогена депривација кај пациентите со карцином на простата, информираме дека е евидентирано привремено нарушување на динамиката на испорака од страна на дистрибутерот.
Клиниката е во постојана комуникација со дистрибутерот и, според добиените информации, се очекува постепено нормализирање на испораката во текот на следната недела, вели директорот за Инфомакс.
Од Министерството за здравство не одговараат на нашите прашања.






