Нема веќе пушење во кафеани и ресторани, ниту во заградените тераси – подготвен е нов закон кој ги опфаќа и електронските цигари


Македонија е на прагот на донесување на најригорозниот закон за заштита од пушење досега. Според нацрт-верзијата до која дојде Телевизија Телма, се подготвува „радикален пресврт“ кој драстично ќе го промени секојдневието на пушачите, угостителите и трговците.

Новиот закон, кој наскоро треба да се најде на ЕНЕР за јавна дебата, предвидува целосно исфрлање на цигарите од јавниот живот и затворените простори, без исклучоци.

Крај за пушењето во кафеани и на затворени тераси
Најголемиот удар ќе го почувствуваат угостителските објекти. Забраната ќе важи за сите објекти за исхрана – ресторани, барови, меани и кантини. Но, законот оди чекор понатаму и ги регулира терасите:

Правило на „три страни“: Пушењето ќе биде забрането дури и на терасите, доколку тие не се целосно отворени од најмалку три страни.
Казни за пушење во кола пред дете
Законот влегува и во приватната сфера кога е во прашање заштитата на малолетниците. Се воведува стриктна забрана за:

Пушење во автомобил, доколку во него се превезува дете.
Пушење на автобуски и железнички станици.
Пушење на пазари и други јавни простори.
Удар за електронските цигари и аромите
Новиот закон става знак на равенство помеѓу класичниот тутун и новите технологии. Истите забрани ќе важат за сите типови електронски цигари и вејп уреди. Дополнително, се воведува драстична мерка за вкусовите:

„Се забранува производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови“, стои во предлог-законот.

Цигарите ќе се кријат од купувачите
По примерот на некои западни земји, Македонија ќе го забрани и визуелното изложување на цигарите.

Се забранува секакво рекламирање.
Цигарите (обични и електронски) нема да смеат да бидат видливо изложени на рафтовите во маркетите и киосците.
Креатор на измените е Министерството за здравство, од каде велат дека целта е да се спречи „здравствена катастрофа“ и да се заштитат новите генерации. Статистиката е поразителна:

Стапката на пушење кај возрасните е над 45% (далеку над европскиот просек).
Половина од пушачите трошат над 20 цигари дневно.
Годишно во Македонија умираат околу 4.000 луѓе од болести поврзани со пушењето.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close