„Непотизам-братот на Трајко Славески од чувар до функционер, М-НАВ е како комитет на ВМРО“, вели Кузеска

На прес-конференција, портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска обвини дека ВМРО-ДПМНЕ ги претвора државните институции во, како што велат, „партиски фирми“ за вработување и унапредување на роднини, блиски лица и партиски кадри.

Кузеска како пример го посочи случајот со братот на Трајко Славески, Сашо Славески, кој, според партијата, бил незаконски унапреден во М-НАВ.

Според Кузеска, унапредувањето било извршено во март 2025 година, но јавноста за тоа дознала дури неодамна, кога членовите на Управниот одбор кои ја донеле одлуката добиле кривична пријава.

„Управниот одбор на М-НАВ незаконски го унапредил Сашо Славески од работно место обезбедувач на имот на позицијата помошник за обука и координација во Одделението за воздухопловни информации – АИС, во Секторот за воздухопловна навигација“, рече Кузеска.

Таа тврди дека со новата позиција неговата плата се зголемила од околу 50.000 на приближно 100.000 денари, при што, според пресметките на СДСМ, за 14 месеци му биле исплатени повеќе од 7.000 евра.

Од СДСМ оценуваат дека единствениот критериум за унапредувањето бил тоа што Сашо Славески е брат на Трајко Славески и близок до ВМРО-ДПМНЕ.

„Така М-НАВ, наместо институција што се грижи за безбедноста на македонското небо, е претворена во партиски комитет на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Кузеска.

Според опозициската партија, ваквите случаи се доказ за непотизам, партизација и злоупотреба на институциите, што, како што велат, придонесува младите да ја напуштаат државата поради недостиг од мерит-систем и еднакви можности.

Back to top button
Close