Нетанјаху: Решени сме да ги вратиме сите заложници – живите и мртвите
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа вети дека ќе ги врати сите заложници, и живи и мртви, од Појасот Газа, но не се осврна на американскиот предлог за прекин на огнот што претходно го спомена Хамас.
„Ако не можеме денеска, ќе го направиме тоа утре, а ако не утре – задутре. Нема да се откажеме. Решени сме да ги вратиме сите – живите и мртвите. Нашата мисија – победа во војната, вклучувајќи ја и задачата да ги вратиме заложниците – е со нас секој ден и секоја ноќ. И вечерва, и нема да се откажеме од неа“ изјави Нетанјаху на говор по повод одбележувањето на „Денот на Ерусалим“.
Претходно во текот на денот, во видео обраќање на неговиот канал на Телеграм, Нетанјаху рече дека се надева оти ќе може да даде изјава поврзана со заложниците денеска или утре, без да открие дополнителни детали.
АФП и Ројтерс вчера, повикувајќи се на извори блиски до Хамас, објавија дека милитантната група прифатила нов предлог од медијаторите во конфликтот во Газа кој предвидува ослободување десет живи израелски заложници во замена за 70-дневен прекин на огнот и делумно повлекување на израелската армија од палестинската територија.
Израел сè уште не го коментираше ова прашање, но израелската војска ги повика жителите на Газа да ги напуштат повеќето јужни населби додека се подготвува за „невидена офанзива“ против терористичките организации во областа. Наредбата за евакуација беше издадена на арапски јазик. Таа се однесува на големите градови како што се Рафах и Кан Јунис, но и на сите други населби во јужна Газа, според мапата објавена од војската.