Незапаметено злосторство во Загреб: Татко си ги убил трите деца и се обидел да се самоубие
Во загребската населба Млинови, полицијата рано утрово откри тела на три деца на возраст од 7 (близнаци) и 4 години, а убиството најверојатно го извршил нивниот татко, кој се обидел да изврши самоубиство.
„Три деца без знаци на живот се пронајдени на местото на настанот, а постои сомневање за кривично дело убиство. Истрагата ја води заменик -окружниот државен обвинител – објави загрепската полиција.
Ова е се што досега е објавено како официјална информација, а други детали во врска со овој монструозен чин објавуваат медиумите.
Според Јутарњи лист, таткото – убиец преживеал и е префрлен во болница, а весникот објавува и вознемирувачки детали за тоа што затекнале полицајците во станот.
Не е познато кој пријавил во полиција дека нешто се случува во станот на трикатната зграда со поткровје, но полицијата и брзата помош брзо пристигнале на лице место.
Како што неофицијално дознава Јутарњи, родителите на децата се развеле и децата најверојатно викендот го поминале со својот татко.
Како што пренесува Јутарњи, полицијата спроведувала истрага од раните утрински часови, а утрово телата на три деца се пренесени во Институтот за судска медицина и криминологија, каде што обдукцијата ќе ја утврди причината за смртта.
За таткото, австриски државјанин кој живее во Загреб и кој е единствен осомничен за убиството, медиумите објавуваат дека бил искусен финансиски консултант кој дипломирал на Донау-Университат Кремс со магистерски студии по бизнис-администрација (МБА), работел во некои водечки австриски лизинг-компании, но и на менаџерски позиции во „Роберт Бош АГ“, „Алкател АГ“ и други.
Како што пренесува Јутрањи лист, тој злосторството го најавил и на Фејсбук, каде меѓу другото напишал: „Збогум на сите“. Напишал и дека девојката го напуштила затоа што поранешната сопруга била лоша кон неа, и дека останал без пари. Тој исто така зборува дека во последната година и пол се обидувал да се врати на работа, но од „браќата од масонската ложа“ не добил помош.