Ердоган: ОН не можат да ја исполнат својата мисија, потребна е реформа на Советот за безбедност


Турскиот претседател Реџеп Таjип Ердоган денеска во Њујорк изјави дека Обединетите нации повеќе не се во состојба да ја исполнуваат својата обврска за зачувување на мирот и повика на темелна реформа на Советот за безбедност на ОН.

– Да сфатиме дека систем во кој волјата на повеќе од 190 држави е потчинета на каприците на пет држави не е ниту праведен, ниту способен да изгради целосна доверба. ОН, создадени пред 81 година со цел одржување на мирот и безбедноста, се покажаа неспособни да ја исполнат таа мисија – или, поточно, беа лишени од можноста да го сторат тоа – рече тој во обраќањето пред Генералното собрание на ОН.

Говорејќи за Блискиот Исток, Ердоган остро ја осуди ситуацијата во Газа, нарекувајќи ја војната „најнехуманиот и најсрамниот концентрационен логор на нашето време“ и додаде дека никој со совест не може да ги затвори очите пред она што се случува таму.

Тој изрази жалење што палестинскиот претседател Махмуд Абас не присуствува лично на форумот и ги повика сите земји да го засилат притисокот врз Израел за прекин на војната, а државите што сè уште не ја признале Палестина да ја преиспитаат својата позиција.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп втора година по ред одби да издаде визи на членовите на палестинската делегација, предводена од претседателот Абас, за учество на заседанието. Како причина беше наведен одбивањето на Палестинската управа да ги исполни обврските од мировните договори со Израел. На крајот, Генералното собрание му дозволи на палестинскиот претседател да се обрати преку видеоконференциска врска.

Турција, која е членка на НАТО, е еден од најострите критичари на Израел и повеќепати повикуваше на меѓународни мерки против израелските дејствија, кои ги оценува како геноцид – обвинение што Израел го отфрла.

Турскиот претседател изјави и дека Анкара продолжува со дипломатските напори со сите страни за прекин на борбите во Јемен меѓу Саудиска Арабија и движењето Хути поддржано од Иран, нагласувајќи дека продолжувањето на конфликтот никому не му е во интерес, особено по засилените напади на Хутите врз саудиска територија.

Во однос на војната меѓу Русија и Украина, Ердоган посочи дека Турција ги одржува контактите со двете страни за гарантирање на безбедноста на пловидбата во Црното Море, истакнувајќи дека нападите врз трговски бродови се недозволиви, и повтори дека Анкара се надева на прекин на војната со зачувување на територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина.

На крајот од обраќањето, Ердоган ги осуди, како што ги нарече, „глобалните политики на родова неутрализација“, велејќи дека тие се претвориле во кампања насочена против семејствата и децата. Според него, на овој тренд може да му се спротивстави преку заштита на традиционалното семејство, составено од маж и жена.

Неговите коментари уследија една недела откако турските власти спроведоа големи акции и апсења против ЛГБТК+ групи во рамките на операцијата наречена „Моето семејство е безбедно“. Според владата, операцијата има цел да ги заштити децата и семејните вредности. Во рамките на операцијата досега се уапсени 82 лица, како и повеќе од 150 демонстранти кои протестирале против акцијата.

Турските власти исто така блокираа пристап до веб-страници и профили на социјалните мрежи на ЛГБТК+ организации, активисти и независни медиуми, вклучително и профилот на турскиот огранок на меѓународната невладина организација за човекови права „Амнести интернешнл“ на платформата Икс.

Back to top button
Close