НИКОЈ ОД СВП НИТУ ПОМИСЛИЛ, НИТУ НЕКОГАШ И НЕКАДЕ ДАЛ ПРЕДЛОГ ДА СЕ УКИНЕ ИНСТИТУЦИЈАТА

Во врска со изјавите во медиумите на поранешниот министер за култура Зоран Љутков и сегашен национален координатор за култура, околу предлогот за укинување на Националната установа Струшки вечери на поезијата, во кој се вели дека предлогот дошол од “двајцата директори“ на институцијата, одговорно и недвосмислено го изјавуваме дека:
1. Никогаш, никаде и во ниту еден официјален документ ниту едно официјално лице, директор, претседател или член на управен одбор, раководител и сл. не предложил ниту неформално, ниту пак доставил барање за укинување на Националната установа „Струшки вечери на поезијата“. Ниту пак помислил на такво нешто. Не постои никакво ниту официјално барање, ниту некакво неофицијално барање за укинување на институцијата. Доколку има барем еден единствен документ, порака или било каква трага, бараме веднаш да се објави. Единствениот неформален разговор поврзан со темата на унапредување на работата на СВП и на институциите од културата се водел пред една година во една поширока група на терасата од хотелот Дрим. На тој разговор во контекст на зајакнувањето на положбата, капацитетите и овозможување услови за развој на институцијата било предложено токму обратното – вработените од Центарот за култура да се припојат кон Струшки вечери на поезијата и таа да стане рамковната институција во чии одделенија ќе се припојат одделенијата од Центарот за култура и со тоа ќе се зајакнат капацитетите на Националната установа Струшки вечери на поезијата. Со тоа на СВП ќе им се врати зградата на Центарот на културата, изградена од 1967 до 1971 за потребите на СВП и која тогаш се викала „Дом на поезијата“. Истата била седиште на нашата институција до 1994-5, кога ѝ е доделена на институцијата Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, а седиштето на СВП е преместено во Спомен домот на Браќата Миладиновци. Кога веќе некој се повикува на споменатиот неформален разговор на хотелска тераса, да споделиме дека тогаш било споменато и тоа дека Министерството треба да побара од Владата, исто како што одлучила во 2023 година по однос на зградата на т.н. „Радничка школа“, да ја одземе од други институции и да му ја додели на Министерството за култура, исто така да направи и со старата зграда на училиштето „Браќа Миладиновци“ во која сега бесправно е сместена Општина Струга, и да му ја додели на Министерството, а натаму на СВП, заедно со реновираната „Радничка школа“ во која би биле сместени административните простории на СВП. Тогаш беше предложено целиот тој комплекс-културен кварт во кој се наоѓа и „Паркот на поезијата“, да биде збогатен со нова зграда на местото на двете руинирани бараки на Министерството за култура која ќе биде „Куќа на поезијата“ – мултуфункционален простор во кој би биле сместени: Музеј на Струшките вечери на поезијата, Меѓународната поетска библиотека и Архив на поезијата. Сите овие укажувања не можат да бидат сфатени како предлог за некој да помисли дека може да покрене иницијатива за укинување на Националната установа Струшки вечери на поезијата. Постојат неколку сведоци кои можат да го потврдат погоре кажаното, меѓу кои и поранешни претседатели на Управниот одбор, сегашниот претседател на Управниот одбор и други лица. Прашањето е како од ваков предлози и идеи испаднало дека сме предложиле укинување на институцијата?
2. До средбата со актуелниот министер за култура Седат Сулејмани, во понеделникот, 10.08.2026, никој во НУ Струшки вечери на поезијата не бил запознат или информиран дека Министерството за култура поднело таква информација до Владата со предлог за укинување на институцијата и припојување кон Центарот за култура, во која би продолжила да функционира како одделение (сектор). Новиот министер постапил онака како што требало да биде одамна. Очигледно е дека претходно било претпоставено дека предлогот за укинување со сигурност би бил одбиен, доколку би биле прашани. Тогашниот министер Зоран Љутков, кој на 24 јуни држеше говор на отворањето на Струшките вечери на поезијата 2026, можеше барем усно да нѐ информира дека е покрената таква иницијатива. Затоа, прашуваме, како без наше знаење, согласност или било какво мислење некој поднел барање до Владата за укинување на институцијата?
3. Тогашниот министер и оние кои ја подготвиле таа информација и предлог од Владата требало да прибават официјално мислење од органот на управување на институцијата (Управниот одбор) кој одлучува за вакви работи. Самиот потврдува дека не добил такво нешто, што јасно покажува дека немало таков предлог од никој од СВП.
4. Нашиот став го кажавме веднаш штом дознавме за предлогот. Да сме знаеле, ќе сме прателе писмен допис до Министерството, како што постапивме по однос на предлогот во Спомен домот на „Браќа Миладиновци“ да се сместат уште 16 вработени од поранешната Агенција за туризам. Во таа зграда и трите простории во кои функционираме нема доволно за 9-те вработени на СВП, не пак за уште 16 нови. Со ова нели се загрозува функционирањето на СВП?
Сета среќа е што Владата ја водат одговорни, разумни, совесни и информирани функционери кои го одбиле предложеното од Министерството за култура и во мислењето по однос на предлогот им одржале лекција за културни политики и патриотски и одговорен однос кон клучните институции кои се во темелите на државноста на Македонија. Нашиот став како институција по однос на предлогот се гледа по тоа како реагиравме откако дознавме за овој предлог. Бескрајно благодариме и на итната недвосмилена реакција на Претседателката на Република Македонија, госпоѓа Гордана Сиљановска Давкова, како покровителка на нашата институција.
Нашиот овогодишен постер симболично и пророчки како да навести ваква ситуација. За жал, каменот кон нашата институција беше фрлен од тој што требаше да ја брани.
НУМ „Струшки вечери на поезијата“ – Струга

Back to top button
Close