Никогаш не го обвинувајте бугарскиот народ, тој, и самиот, одсекогаш, бил жртва на своите владатели

(Поздравувам што таква порака испрати и премиерот Заев)

После се што ни се случи, како човек кој ја тера осмата деценија во животот и шеесеттата во професијата, си земам за слобода, да ве замолам, да апелирам, со сета моја човечка и професонална дребност, да порачам: никогаш, ама никогаш, не го обвинувајте бугарскиот народ. Тој и самиот бил потлачен одвнатре, речиси, секогаш низ историјата, со мали светли периоди, бил на погрешната страна, како жртва на своите владатели.

Дури и сега, кога е на висинската страна, во НАТО и ЕУ, неговите водачи, одбрале, сепак, да најдат едно темно ќоше, една мрачна дупка, од каде што емитуваат пораки дека не се за тамо-каде што се. Што би рекле црногорците: сиједи ѓе си, за и ѓе си – ниси!

Или, самите Бугари, кога сакаат да се пошегуваат на своја сметка:кога Тодор Живков побарал во една од свемирските екипи да стават и космонаут од неговата земја, Брежњев му одговорил: добро, ама да седи мирен, да ги рани кучињата (мислел на Лајка) и да не ги чепка копчињата. Ботоните, по бугарски.

Бугарскиот народ, веќе цело време пишувам, не носи вина за тоа што неговите водачи, го поставија во една типична шизофрена ситуација: жестоко да го казнува сосеседниот народ, да му ја зацрни судбината, а истовремено да кажува (уверен сум дека добар дел од населението, навистина има братски и пријателски чувства кон нас), дека го сака.

Да бидеме начисто: и колкав да е процентот на Бугарите кои ни сакаат добро, поголем е од властодршците кои, ама ниту малку не не сакаат, а паталошки не ПОСАКУВААТ! Народот е во право и кога греши, триумфално глаголеше лицето Б.Ц, кога ги изгубивме изборите, некаде 1998 година. Народот е во право и кога греши, избирајќи погрешни луге, на вистински места. На нашиот и бугарскиот пример, кога гласаме, тоа се гледа.

Затоа, не го обвинувајте бугарскиот народ и за тоа што бира погрешни државни глави.Тој е поткупен, изманипулиран, покраден до гола кожа. Денеска, во целиот свет, синоним за кражба на гласови е таканаречениот Бугарски воз”!

Бугарскиот народ, низ целата своја понова историја, е соочен со феноменот јаничарство, произведен уште во антиката, а така обилно присутен, некаде пред 6 века, токму на Балканот од османлиско време.

Најблискиот соработник на Сулејман Величенствени, Паргали е Грк од Парга. Вие што сте го читале Иво Андриќ, добро знаете што низ Босна, или Санџак, правеа децата, грабнати од Турците, а потоа вратени како везири и војсководци.За тоа пишува и извонредниот бугарски автор Антон Дончев.

Токму вчера, ја имав честа, медиски, да ја промовирам најновата книга на академик Луан Старова, кој – сполај му, незаслужено од моја страна, ме нарекува брат, романот Јаничари. Еве, два пасуса:

Старова и досега во своите романи од балканската сага третирал различни аспекти на јаничарството, но овој пат во својот роман Јаничари целосно го третира феноменот на јаничарството, во неговите праоблици , но и во неговите современи деривации.

Идентитетот и неговите пошироки импликации е централното прашање во оваа книга, во која се посочува дека појавата на јаничарството може да се следи од длабоко во вековите – Римската Империја, Византија и потоа Османската Империја, како облик на жртвување на луѓето за одржување на власта. Во книгата се нижат сведоштва за фазата на ,,постјаничарството’’, по неговата употреба во исчезнатите империи, во совремното човештво.

Инаку, како би можел, еден Македонец од Ресен, да стаса до премиер на Бугарија, освен со јаничарење? Со тоа што Македонците ги превоспитувал, го цитирам: “малку со арно, малку со ќотек!”. Како би можел, еден охриѓанец, со презимето на Мартин Протуѓер, да стаса до највисоки, генералски чинови во бугарската царска војска, освен со јаничарење? Не велам дека Бојко Борисов е јаничар, не велам дека оној, проскурен лик, Радев, потомок на НКВ-едето, е јаничар.Но дека има јаничари околу Борисов, во тоа да не се сомневате.

Има ли надеж, после се? Секако! Се ќе помине, па и овој грд сон!

Стара Западна Европа, старите, првите членки на ЕУ, сега си го поткасаа јазикот. Видоа самите дека негуваат змија во своите пазуви! Во Бугарија избори се ближат. Стара, демократска Европа, нема да дозволи, туку така, и во март да ја шпартаат земјата Бугарски возови. Ќе си ги отвори очите, ќе испрати повеќе набљудувачи. Макрон и Меркел, бездуго, ја знаат старата латинска мудрсост: Similles similli gaudet! Нема,белким, да дозволат и натаму друштво да им прават Захариева и Каракачанов.

Паралено, скоро сум сигурен, и покрај сето пропагандено месење и обезличување, кое државните глави, преку мејнстрим медиумите, му го прават на бугарскиот народ, тој ќе се освести. Ако не ми верувате, прашајте ги Изетбеговиќ и Додик, што им се случи, на локалните избори, во Сараево и Бања Лука. Пораз до коска! Казна, достојна на Дракон !Избезумени се, не знаат што зборуваат!

Во Бугарија, има националистички заслепени глави (Каракачанов е чиста карикатура и типичен егземлар!), ама има и мудри глави. Историчари, научници, да, да, и мои колеги – новинари. Пред две седмици, агенциски, го обработував интервјуто на академик Старова, со водителот од ТВ Европа. Се повеќе ќе има такви водители, кои еден убав ден, не многу далечен, ќе го превземат водството во оваа соседна, на нашиот народ, пријателска земја.

Каде ја гледам перспективата? Уште и кај учените бугарски глави, во Европа и светот. Тие, со својот став, ќе ги охрабрат колегите во Софија, да си ги отворат очите, да му помогнат на својот народ, да излезе од оваа политичка шизофренија.

Како, поинаку, можете да го толкувате настапот на оној бугарски пратеник, уште и потпретседател на Собранието, кој, јавно бара Македонија, внимавајте, како земја, како целина, самоиницијативно да побара соединување со Бугарија, и , ОП-членка на ЕУ! Па тоа е лудост. Тоа не смее да го изусти ниту дете од прво одделение.

Знае ли тој човек нечовек, дури и да сме ние полуди од него, каде во тој случај ќе одат Албанците? Каде ќе одат Турците од Македонија? Каде ќе тргнат Србите, на пример? За Ѓуешево и Ќустендил, ли!?

Разбирасе, освен ако тоа не било само будалаштина, туку смислен, од некого порачан потег. Нешто како испитување на пулсот! Нешто, со кое веќе сме се соочиле. И од бугарска страна, но и од кај нас-одвнатре. Нешто што произлезе од честите посети на сестра Доста (Бог да и душа прости!) на бугарската амбасада во Скопје.

А, тоа се вика, отсечи дел од заразеното тело на комшијата, за другиот да го лапнеш чист, здрав! Демек, што ќе ни се Тетово и Гостивар, кога ни е е достатачен красивиот” Охрид! Или здрава Македонија, со граница кај Групчин!

Така размислувале и албанските националисти низ поновата историја, така соработувале со бугарските националисти. Можеби и не е случајно тоа што премудрата! Захариева, не ја сака во ЕУ Македонија, ама ја сака Албанија!

И на крајот, браќа и сестри – Бугари и Македонци. Трпение – спасение! Бугарските државни глави, сами влегоа во жив песок. Ние не сме таму. Ние ќе останеме мирни, тие некаа претаат! Пред очите и телевизиските светла на Европа и светот. Тоа треба да биде окосницата, околу која ќе се темелимакедонскиот одговор кон најновите будалаштини на официјална Софија. Поздравувам што таква порака испрати и премиерот Заев. 

Веле Митаноски

Back to top button
Close