Николоски: Никој не е наивен да влегува во играта на Бугарија на бескрајни условувања и вета, нашата надеж е фер однос
Никој не е наивен да влегува во играта на Бугарија на бескрајни условувања и вета, но проблемот е малку поголем од тоа што се претставува во јавност, а тоа е стратешката одлука на големите земји – членки која е таква повеќе од десет години да нема проширување, вели вицепремиерот и министер за транспорт и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
-Користа од чекањето е зачувување на националната гордост. Никој не е наивен да влегува во играта на Бугарија на бескрајни условувања и бескрајни вета. Ако е ова последно да разговараме, а ако не е последно не сме наивни уште еднаш да страдаме и да имаме проблеми. И мислам дека јас многу често сум зборувал за ова во јавност и стојам позади тоа дека проблемот е малце поголем од тоа што се претставува во јавност, а проблемот е стратешката одлука на големите земји членки која што, за жал, е таква повеќе од десет години да нема проширување. Последниот политичар којшто беше чесен во однос на процесот, беше политичар којшто од овие другиве коишто се нечесни беше исправен. А тоа е Жан Клод Јункер којшто беше претседател на ЕК. Тој беше доволно чесен да ни каже на сите дека проширување нема да има, вели Николоски во гостувањето во „Само интервју’’ на Канал 5 телевизија прашан што добиваме како држава со тоа што во моментов не влегуваме во формални преговори со ЕУ.
Тој при тоа укажа на состојбите со другите држави кои се во процес на пристапување во ЕУ.
-На Србија гледате што и се случува. Србија доби вето. Албанија, Грција веќе најавува вето. Црна Гора преговараат, заборавивме од кога. Турција преговара, заборавивме од кога. Се е јасно, смета Николоски.
Во мандатите на претходните двајца еврокомесари за проширување немаше прием на нови членки, а не е уверен ниту во ветувањата на новата еврокомесарка Марта Кос дека ЕУ за првпат има реален пристап со кој до крајот на мандатот на сегашната Европска комисија би можеле да бидат донесени една или повеќе земји кандидати за членство.
-Не го гледам тоа. Не го гледам затоа што нема такви чекори. Нашата надеж е фер однос, а тоа ако навистина ова е последно како што ни се вели, дај да направиме да е последно, вели Николоски во контекст на предлогот на Владата за уставни измени со одложено дејство.
Тој нагласи дека фокусот е на спроведување на реформската агенда и Планот за раст, односно на инфраструктурните проекти во патната и железничката инфраструктура.
-Ние во моментов сме единствена држава во регионот која што ќе отвори три инфраструктурни проекти за нова година. Нема втора таква во регионов. За нова година отвораме Куманово – Белјаковце, пруга, отвораме Ранковце – Крива Паланка, експресен пат, и отвараме прва фаза Прилеп – Градско, експресен пат. Нема втора држава која што ова го постигнува во регионот, вели Николоски и додава дека е точно оти сите овие проекти се граделе претходно, но вели, не се завршиле, оти сите три биле заглавени, а сега се завршуваат.
Министерот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, за протестите на ДУИ пред Уставниот суд, оцени дека станува збор за провидна политичка игра со оглед на тајмингот кога после пет години судиите го ставаaт Законот за употреба на јазиците на дневен ред и токму кога СДСМ и ДУИ се во опозиција.
-Ова е една провидна политичка игра, ние кои што сме поискусни во политиката, јасно ја читаме играта. Овде кадија те тужи, кадија те суди, сакаше ДУИ да прави, од една страна да создаваат проблем, од друга страна да го решаваат проблемот и на тој начин да пробуваат да изигруваат спасители на Албанците од една страна, а од друга страна некакви си гарантори на стабилност во државата, истакна Николоски.
Николоски рече дека на ДУИ им одговара прашањето со Уставниот суд да трае четири години и така би биле најсреќни, бидејќи како што вели, зелената агенда им пропаднала, а тие не биле по работењето, туку по полнење на сопствениот џеб.
-Зелената агенда им пропадна, нели истрчаа еднаш низ планина во зелени маици со Мерко напред. По проекти нешто не се многу, еве ги гледам јас во мојот ресор како работеле проекти, односно не работеле единствено ги интересирало да си наплатат. И единствената точка која што им останува за која што можат да зборуваат се етнички тензии, кои што според нивната филозофија тие би ги создавале и тие би ги решавале, вели Николоски.
Тој кажа дека има три столба за митот за Ахмети на кој што тој се држел, но оти тој пропаднал за само неколку месеци во опозиција.
-Првиот беше дека е чесен, со последните случувања во последните година и пол – две, и скандалите кои што главно јавноста ги извади, но и ВМРО-ДПМНЕ тој мит падна. Вториот мит беше дека прави што прави, секогаш е во Влада, еве не е, нагласи Николоски.
Тој при тоа додаде дека Ахмети, вели, ги лажел неговите членови дека за три или шест месеци ќе влезат во Влада, па ќе имало избори локални заедно со парламентарни, но вели, ништо од тоа не се случило.
-Третиот мит кој што веќе од вчера се руши е дека прави што прави, ги штити своите луѓе. После она што го напиша Артан Груби вчера, јасно е дека и тој мит ќе се сруши. Така што, трите столба на кој што ја градеше својата политика, ако сакате и митот кој го изгради околу себе, паѓаат, појасни Николоски во однос на изјавата на Груби за повлекување од јавниот живот по неговото ставање на „црната листа“ на САД.
Тој смета дека однесувањето на лидерот на ДУИ, Ахмети е целосно неодговорно.
-Многу е лесно да градите мит за некого, кога не се нафаќа на извршна власт. Каков е тој политичар, кој што оди на избори, како прв, и после тоа не се нафаќа на извршна власт, пушта други таму, а тој седи во Собрание и во Мала Речица. Извинете, ама тоа е неодговорно однесување, посочи министерот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Николоски.