Николоски: Подобро да увеземе работници отколку да ги затвориме фабриките и нашите луѓе да останат на улица

Македонското стопанство се наоѓа пред сериозен предизвик поради недостигот на работна сила, што наметнува потреба од итен увоз на работници од странство за да се одржи економскиот раст. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервјуто за „Ноќно студио“ на 4TV.mk, истакна дека ова е барање на бизнис заедницата кое државата мора да го поддржи.

Според проценките, на домашното стопанство годишно му се потребни меѓу 40, објави 4news.mk 000 и 50.000 работници, додека за оваа година е проектиран увоз на околу 10.000 лица. Николоски појасни дека ова не е закана за домашните вработени, туку механизам за заштита на нивните работни места.

„Ако во една средна компанија работат 100 наши граѓани, а им недостигаат уште 20 за да го исполнат производствениот процес, сопственикот ќе биде принуден да ја затвори фирмата доколку не ги најде тие луѓе. Во тој случај, и оние 100 домашни работници ќе завршат на улица. Затоа, мојот став е дека е подобро да увеземе 20 работници и да имаме 120 среќни семејства, отколку да имаме 100 несреќни семејства без работа,“ изјави Николоски.

Министерот посочи дека стапката на невработеност во земјава е рекордно ниска и се движи околу 6-7%, што е јасен сигнал дека домашниот пазар на труд е исцрпен. Тој додаде дека сите развиени економии во светот го решаваат овој проблем на ист начин – преку контролиран увоз на работна сила.

„Нас ни се потребни дополнителни работници за економијата да продолжи да расте. Секако, приоритет останува враќањето на дијаспората и тоа е процес на кој работиме, но потребите на компаниите се сега и веднаш. Мораме да бидеме прагматични – увозот на работна сила е директна поддршка за домашното стопанство за да може тоа да ги реализира големите проекти и да го полни буџетот,“ заклучи вицепремиерот.

Со овој став, Николоски најави дека Владата ќе продолжи да создава услови за олеснување на процедурите за работни дозволи, со цел да се обезбеди континуитет во градежништвото, индустријата и услугите.

Извор: 4news.mk

Back to top button
Close