Николовски: За 18 проценти зголемена транспарентноста на институциите во однос на 2016 година
Општините, министерствата и Владата стануваат транспарентни институции. За 18 проценти е зголемена нивната активна транспарентност споредено со 2016 година, односно нивната транспарентност изнесува 63 отсто, за разлика од 2016, кога била 45 проценти.
Ова денеска на прес-конференција го истакна вицепремиерот за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски на која ги презентираше најновите податоци на извештајот за Индекс на активна транспарентност 2021 година на Центарот за граѓански комуникации.
– Дури 62 од вкупно опфатените 98 институции ја подобриле својата активна транспарентност во 2021 година во однос на 2016 година. Ако во 2016 година само 24 институции биле во категоријата „многу добра“ и „добра“ транспарентност, оваа година дури 62 институции се во овие две категории. Особено се забележува подобрување на транспарентноста кај министерствата. Во 2016 година само едно министерство било во категориите „многу добра“ и „добра“ транспарентност. Оваа година дури 12 министерства ја подобриле транспарентноста и се искачиле токму во овие две категории, информираше Николовски.