Норвежаните повикаа на бојкот на Мундијалот во Катар 

– Најтрофејниот норвешки фудбалски клуб Розенборг, како и уште четири други прволигашки екипи, повикаа на бојкот на Светското првенство што во 2022 година треба да се одржи во Катар поради извештаите за кршење на човековите права

Предлогот за бојкот на Мундијалот доби поддршка од 202 членови на генералното собрание на Розенборг, додека 46 се изјаснија против.

-Доколку Светското првенство започне идната година во Катар, тоа ќе се игра на гробишта. Цврсто веруваме дека мораме да одбиеме да патуваме таму, доколку Норвешка избори пласман преку квалификациите, изјави иницијаторот на предлогот Кенет Кјелснес, две недели откако британскиот весник „Гардијан“ објави дека над 6.500 странски државјани го загубиле животот работејќи во тешки услови на изградба на објекти што ќе бидат користени за Мундијалот во 2022 година.

Според лондонскиот весник, од доделувањето на организацијата на Мундијалот на Катар, во 2010 година, секоја недела во оваа азиска држава во просек умираат по 12 странски работници со потекло од Индија, Непал, Пакистан, Бангладеш и Шри Ланка.

Генералниот секретар на Фудбалската федерација на Норвешка Пал Бјеркетвет во изјава за локалните медиуми истакна дека бојкот на Мундијалот во Катар ќе доведе до загуби од над десет милиони евра, што би било катастрофално сценарио за норвешкиот професионален и аматерски фудбал.

Back to top button
Close