Нота: РЕК Битола со ново раководство, но старите поплаки за загаден воздух во Новаци остануваат

„Околу РЕК дење нема ништо, ама навечер нешто горат. Она не е ни мазут. Кој знае што е… Не се излегува навечер. Надвор смрди корне, како на гума или масло прегорено – тежок некој чад што гуши и застанува на грло. Сето тоа навечер се случува. Се жалат и вработени од таму, коишто одат трета смена. Велат – ми доаѓа отказ да си дадам. Се отруевме. Кој знае што горат. Ова не било досега“, вели за нота.мк жителка на битолското село Новаци.

Прашавме во Државниот инспекторат за животна средина дали жителите на Новаци пријавиле аерозагадување и дали можеби оваа институција постапувала.
„Мазутот, и воопшто енергенсите, не се надлежност на Државниот инспекторат за животна средина. Согласно Законот за контрола и безбедност на производи, течни деривати испитува Државен пазарен инспекторат. Тие имаат и акредитирана лабораторија за оваа намена“, ни одговори генералниот инспектор за животна средина, Дарко Блинков.
Го прашавме и Државниот пазарен инспекторат дали го има анализирано мазутот, којшто се користи во комбинатот во последно време и дали се утврдени одредени неправилности, како и дали увозите што ги прави фирмата „Пертинакс ДООЕЛ Скопје“ во минатото биле предмет на анализа на Инспекторатот и доколку да, што покажале тие анализи? До објавување на овој текст, односно и по неколку дена по доставените прашања, не добивме одговори од оваа институција.

„Фактор“ на почетокот од февруари годинава овјави дека оваа фирма за 922.224.116 денари треба да обезбеди „огромна количина од 33,66 милиони тони мазут само за функционирањето на термоелектраната ‘РЕК Битола“, која инаку првенствено работи на јаглен“.
Во истражувањето „Јаглен на раскрсница“, кое беше објавено кон крајот на минатата година и кое вчера се здоби со втората награда „Никола Младенов“, меѓу другото информиравме дека во минатите десетина години термоелектраните во Македонија биле снабдувани со мазут од четири фирми: „Макпетрол“, „Пертинакс ДООЕЛ – Скопје“, „Супертрејд Скопје“ и „РКМ ДООЕЛ Скопје“. Четири години термоелектраните со мазут ги снабдувала фирмата „Пертинакс ДООЕЛ – Скопје“. Во 2021 година Реглаторната комисија за енергетика ѝ ја одзема на оваа фирма лиценцата за трговија на големо со мазут, затоа што таа не доставила доказ дека поседува резервоари за овој нафтен дериват. Од 2023 година повторно има лиценца за трговија со мазут.
Го прашавме доскорешниот директор и актуелен советник во ЕСМ, Тони Петрушевски, дали лабораториите во „РЕК Битола“ откриле некаков проблем со мазутот. Колку што се сеќава сите анализи на мазутот досега биле во ред.

„За мазутот никој се немаше пожалено за лоша миризба. Да не заботавиме дека мазутот се користи како поддршка за согорување на јагленот и при потпалување на Блок. Можеби тоа се совпаднало кога имаше пуштачки операции на Блок 1, кој сега е на мрежа“, објаснува Петрушевски за нота.мк.
Петрушевски имаше амбиција да се справи со криминалите во „РЕК Битола“ и со застарената опрема. Го прашавме дали заминувањето од челната позиција во комбинатот е поради притисоци.
„Никаков притисок. Има голема промена, а и има уште предизвици. Ќе се помачи малку Иван (Куковски, новиот генерален директор, н.з.) околу основната механизација за да се среди. Рото-багерите беа оставени, како и сѐ останато, во екстремно лоша состојба. Да не речам запуштени… Се направи промена на мое барање, поради лични причини. Сега сум советник во кабинетот кај генералниот директор г-дин Лазо Узунчев. Останувам во ‘ЕСМ Дирекција’, посветен со поинакви работни обврски да ги нормализираме работите во компанијата“, објаснува доскорешниот директор на „РЕК Битола“, Тони Петрушевски.
Во ЕСМ велат дека на Петрушевски му било напорно да води одвоен живот од семејството во Скопје. Пред да ја донесе одлуката за напуштање на функцијата, во комбинатот беше донесен координатор, кој потоа стана нов директор. При назначувањето, ЕСМ информираше дека тој и координаторот за „РЕК Осломеј“ „значително ќе придонесат за зголемување на доверливоста на комбинатите“ како и дека „нивниот ангажман ќе биде примарно фокусиран на успешна реализација на енергетскиот биланс и одржување на стабилен енергетски систем во текот на грејната сезона“. Во ЕСМ велат дека тоа не е првпат „РЕК Битола“ да добие таков координатор. Со пребарување во медиумски архиви се наоѓа дека претходно таква состојба имало кога Јован Андоновски – Реган бил назначен како принуден управник (координатор) на „РЕК Битола“ во периодот кога паднал косиот мост во комбинатот.

За катастрофалната состојба во која се наоѓа „РЕК Битола“, нешто што го документиравме лани во истражувањето „Јаглен на раскрсница“, сведочеше пред неколку месеци во интервју за „Радио Слободна Европа“ и министерката за енергетика.
„Бев неколку пати во посета на ‘РЕК Битола’ и ќе се трудам еднаш месечно минимум да одам и да ја видам ситуацијата на теренот. Она што го видов, можам да кажам дека е катастрофална ситуација, недомаќинско работење, не е водено грижа ниту за блоковите, не е направен никаков ремонт, неквалитетниот јаглен има доведено до многу оштетувања. А, за оваа година ќе се работи на зајакнување и нормализирање на блоковите и ќе има сериозен ремонт од 1 Април па натаму“, објасни министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Во „РЕК Битола“ велат дека новиот директор е именуван за динамизирање на работата.
„Иван Куковски е именуван за директор на Подружница ‘РЕК Битола’ со цел динамизирање на работните процеси. Изминатиов периов покажа директна поддршка на менаџментот и побрза и поефикасна реализација на веќе утврдените производствени планови, непречена координација и зајакнување на оперативата, во насока на динамизирање на инвестициските планови и интензивирање на активностите за обезбедување стабилно производство на електрична енергија“, информира портпаролката на комбинатот, Оливера Михајловска.
Куковски, кој пред две недели беше назначен од координатор за директор, е на 72 годишна возраст. Целокупниот работен стаж го поминал во ЕСМ.

„Куковски извршуваше високи и одговорни функции, меѓу кои во ХЕС Маврово, како директор на производство во АД ЕЛЕМ до 2017 година, а до јуни минатата година ја извршуваше и функцијата претседател на Надзорниот одбор на АД ЕСМ. Одлуката на Управниот одбор се темели на уверувањето дека долгогодишното искуство и познавање на состојбите во РЕК Битола значително ќе придонесат за зголемување на доверливоста на комбинатот“, објаснува Михајловска.
Во комбинатот има и критички тонови во однос на новиот директор. Нота.мк минативе денови разговараше со неколку вработени. Еден дел укажува дека претходниот директор работел како современ менаџер, кој разговарал и се консултирал пред да донесе каква било одлука, додека актуелниот често ја користел реченицата „јас така кажав“ и оставал впечаток на раководител од стар ков од претходен систем. Друг дел од соговорниците вели дека во новото раководство „глумат менаџери од прв степен“, а дека претходниот директор имал најслаби резултати од постоењето на комбинатот, нешто на што влијаеле и две советнички, кои во меѓувреме се тргнати од тие позиции.

„Работат два блока – 1 и 3, и тоа половично со по 150 мегавати. Рудникот е во очајна состојба. На депонија има грчки јаглен за шест дена, или 90 000 тони. Рековскиот јаглен е скоро на нула. Гребат тука и таму. А, еден блок арчи за 24 часа 7000 тони јаглен“, нѐ информираше пред неколку дена вработен од „РЕК Битола“, кој објаснува дека секој ден, освен в недела, се прави дотур со 300 камиони на грчки јаглен. Тој смета дека комбинатот во којшто работи е мртов од 2018 година.
Во неделата, два дена по разговорот со вработениот во „РЕК Битола“, премиерот Христијан Мицковски изјави дека залихите на јаглен во Битола изнесуваат околу 80.000 тони, а во Кичево 160.000 тони. И покрај светската криза со горивата, Мицковски тврди дека електроенергетскиот систем во Македонија е стабилен.

Вчера, 24.03.2026 година, прашан дали се размислува на владина седница да се ослободат резервите на мазут за производство на струја, премиерот изјави дека проблеми со производството на струја немало, а во државните резерви останале количини на мазут, коишто лани не биле искористени.
„Во овој момент размислуваме, но исто така добивме информација и дека оние количини коишто требало да се повлечат на крајот од минатата година, кога беше прогласена кризната состојба, негде околу 3.000 тони, не се целосно повлечени. Така што можеби ќе ја оживееме, еве би рекол таа одлука да се повлечат тие количини, па потоа евентуално би оделе со нова одлука. Инаку денеска сум информиран од страна на директорот на АД ЕСМ, поранешно ЕВН, дека не само што ги задоволуваат потребите на граѓаните и конзумот, туку и продаваат навечер, со што имаме дополнителни приходи од страна на потрошувачите“, тврдеше премиерот Мицковски.

Додека светот влегува од една во друга криза, а „РЕК Битола“ се бори да ја задоволи потребата од струја во Македонија, константата во Новаци е стравот од загадување. Жителка на ова Битолско село пред неколку дена за нота.мк сведочеше дека на блиската депонија „Мегленци“ е затрупан отпад во придружба на полиција. Меѓу жителите постои страв дека опасниот отпад од Институтот за јавно здравје е закопан на депонијата, во чија близина треба да се направи регионална депонија во стар јагленокоп на „РЕК Битола“. Прашавме во МВР што придружувале полицајците во ова место.
„На 06.03.2026 во периодот од 09:00 до 11:00 часот од страна на полициски службеници од полициското одделение Новаци, постапено беше по барање за асистенција од јавното претпријатие ‘Комуналец Битола’ за уништување на прехранбен производ од фирма од Битола на депонијата во село Мегленци. Полициско обезбедување се определува само во одредени случаи, и тоа особено кога се работи за: превоз на високоризични опасни материи постоење на безбедносна закана (тероризам, кражба, злоупотреба), кога тоа е наложено со посебна наредба или извршена процена на ризик од надлежен орган“, објаснуваат во МВР.

Од Државниот инспекторат за животна средина информираат дека отпадот, за кој постои загриженост во Новаци, фирмата „Екоцентар 97“ треба да го извезе во странство. Во Новаци можат да имаат една грижа помалку, додека и натаму стравуваат дали и следната вечер воздухот повторно ќе мириса од производството на струја на јаглен и мазут.
Александар Методијев






