Ноторни лаги и алтернативни факти

Веројатно многумина од вас заборавија на Келиен Конвеј, доверливата советничка на претседателот Доналд Трамп во неговиот прв мандат. И во Америка во голема мерка заборавија на неа, освен оние што гледаат една стриминг платформа на Фокс њуз. Таа ја напушти администрацијата на Трамп во август 2020, неколку месеци пред изборите.

Една фраза на Келиен Конвеј кажана на 22 јануари 2017 година (два дена по инаугурацијата на Трамп) стана дел од политичкиот вокабулар не само во Америка, туку и во другите западни демократии, кога партиите од крајниот спектар (особено десниот) кажуваат факти кои не одговараат на вистината. Нејзината изјава за „алтернативни факти“ е речиси легендарна.

На 21 јануари 2017-та портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер, на својата прва прес-конференција изјави дека насобраните луѓе на инаугурацијата на Трамп биле „најголема публика што некогаш била сведок на инаугурација – точка – и персонално и во целиот свет“. Тоа требаше да ги амортизира сликите од инаугурацијата кои покажуваа драматично помалку публика од онаа на првото давање заклетва на Барак Обама. На инаугурацијата на Обама имаше 1,5 милион луѓе, додека на Трамп некаде околу 700 илјади. Тоа јасно се гледаше на фотографиите и видео снимките.

Спајсер ја заврши набрзина прес-конференција затоа што неговите тврдења беа лажни. Утредента беше испратено засилување за да се амортизира негативниот одиум за администрацијата на Трамп уште од првиот ден. Келиен Конвеј отиде во телевизиската мрежа Ен-Би-Си на познатата програма Meet the press. Кога беше притисната од новинарот да објасни зошто Спајсер би дал намерно лажни изјави за големината на публиката, Конвеј рече: „Вие велите дека тоа е лага, а тие даваат – Шон Спајсер, нашиот портпарол, даде алтернативни факти за тоа“. Водителот на емисијата одговори велејќи: „Алтернативните факти не се факти. Тие се лаги“.

Оттогаш тоа стана дел од политичките наративи. Во американската јавност реакциите беа многу остри – и во медиумите и на социјалните мрежи. Новинарката и поранешна главна уредничка на „Њујорк тајмс“, Џил Абрамсон, ги окарактеризира коментарите на Конвеј за алтернативните факти како „орвеловски новоговор“ и рече: „Алтернативните факти се само лаги“. Инстантно се зголеми побарувачката на дистописката книга на Орвел „1984“. Продажбата на книгата се зголеми за фасцинантни 9.500 проценти; издавачите мораа да допечатуваат примероци.

Вистинските факти претставени како ноторна лага

Овој малку подолг увод е амблематичен приказ како политичарите не само во Америка, туку и во европските западни демократии, а секако и кај нас, се служат со алтернативни факти или лажни тврдења за да ја одбегнат вистината. Или подобро речено, да се соочат со неа и да ги прифатат реперкусиите. Еден контроверзен детален урбанистички план во скопската општина Центар, кој опфаќа парче од долните падини на Водно, е извонредна сторија како гласањето на сопствената партија во Советот се претставува ако алтернативни факти. А вистинските факти од тоа гласање се прикажуваат како „ноторна лага“.

Колегите од порталот „Сдк“ на добар начин го претставија ова потпирање на „алтернативните факти“ на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а потоа и неговото инсистирање дека гласањето на советниците од неговата партија било „ноторна лага“. Зошто и како советниците на мнозинската СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ се здружија во Советот на Центар да го изгласаат Нацрт-деталниот урбанистички план за местото Барутана остана нејасно. Но, јасно беше дека тие заедно обезбедија мнозинство од 13 гласа. Против беа по еден советник од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како и советниците на „Шанса за Центар“, Левица и ЗНАМ. Маркичките за овие приватни парцели наводно биле вцртани уште во 2002 година. Но, сопствениците не можат да добијат дозвола за градба, затоа што планот од 2002 веќе не е во важност, а го укина и Уставниот суд. Сега тој треба да оди на јавна расправа, па на одобрување во Министерството за транспорт.

Процедурата не е толку важна за суштината на овој текст. Важно е негирањето на фактите или претставувањето на алтернативните факти. Од СДСМ молчеа за ова необјасниво усогласување со лутиот противник, а премиерот Мицкоски се обиде фактите да ги претстави сосема поинаку. Или, да излезе во одбрана на чекорот на неговите советници како Келиен Конвеј. Оваа недела тој беше прашан од новинарите на што се должи ваквото гласање на советниците од неговата партија и покрај предупредувањето на експертите за комплицираноста на земјиштето.

Одговорот е речиси исто легендарен како оној на Келиен Конвеј, се разбира во многу поскромни, македонски прилики. Но, основната приказна е иста. Еве што кажа тој:

„Не знам јас за каков план и за кои стручњаци зборуваме. Прво ќе ми дозволите да го погледам, па потоа да дадам коментар, навистина не сум запознаен. Таму е градоначалник од опозицијата. ​А, се разбира, кога ќе дојде тоа во институциите каде што ние како Влада имаме ингеренции, да речеме Министерството за транспорт, секако дека нема ниту милиметар да направиме чекор којшто ќе биде во спротивност на интересите на граѓаните“.

Тоа се алтернативните факти – прво премиерот не знае за што станува збор, а потоа вели дека владата ќе преземе мерки ако треба.

Но новинарите не се откажуваа да побараат вистински одговор од премиерот. Неговата реакција беше во стилот на она познатото „Миле, ми текна“ и почна да се „присетува“.

„А, сега ми текнува кога ми кажувате за што станува збор. Тоа беше една ноторна лага дека советниците на ВМРО го поддржале планот. Ако зборувате за иницијативата, тоа е сосема нешто друго. За да се реализира тоа има уште 4-5 чекори до негова реализација“.

Ете, гласањето на неговите советници за планот за делот од Водно било „ноторна лага“. И записниците се ноторна лага, и присуството на јавноста на седницата било ноторна лага, и одбивањето на еден советник на ВМРО-ДПМНЕ да гласа за предлогот било ноторна лага. Во светот на алтернативните факти можеби само тој гласал за планот, а другите вмровски советници биле против.

Или како што подоцна во една статија Келиен Конвеј го бранеше својот избор на зборови за алтернативните факти. Таа изјави: „Два плус два се четири. Три плус еден се четири. Делумно облачно, делумно сончево. Чаша полуполна, чаша полупразна. Тоа се алтернативни факти“. Конвеј понатаму појасни дека фразата имала намера да предочи „дополнителни факти и алтернативни информации“, сугерирајќи дека може да има повеќе толкувања на даден збир на податоци.

Да, навистина може да има повеќе толкување на бројката на советниците кои дале амин за продолжување на постапката за контроверзниот план. И премиерот дава „дополнителни факти и алтернативни информации“ за гласањето на советниците од неговата партија. Нивните гласови „за“ биле „ноторна лага“.

Политичарите секаде се посебна сорта луѓе. Тие се борат за осварување на своите идеи, на својата партија и групациите кои ги претставуваат. Чесноста е протерана од тој „рај“ (корупцијата, секако, не е). Еден ден може да зборуваат и да се борат за едно, а потоа да го тврдат спротивното. Не треба да има многу голема осуда во менувањето на ставовите, ако изгледа дека тие се неприменливи или, едноставно, не одговараат на ситуацијата. Или поради она што еден политичар го знае повеќе од обичната јавност.

„Бомба“ во вмровски двор

Многу прашалници и загатки вчера предизвика изјавата на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, кога речиси од нигде никаде рече дека протоколите од меѓувладините седници со Бугарија не биле дел од преговарачката рамка со ЕУ. Да има некој добар софвер кој ќе трага по илјадниците изјави – негови, на неговата партија, на владините министри, на премиерот, на претседателката на државата, на повеќе политички аналитичари за тоа како без прекин се повторуваше дека протоколите се дел од преговарачката рамка, дека тие се најголемата замка за Македонија ако ги впише Бугарите во Уставот – можеби ќе видиме како се движеше амплитудата на овие ставови.

Вчерашната (24.07) изјава на Муцунски – „Мојот став како министер за надворешни работи е дека протоколите, тоа е називот на записниците од разговорите – согласно моето толкување и како министер за надворешни и како правник е дека тие не се дел од преговарачката рамка“ – делува како експлозија во владиниот и вмровскиот двор. Ако се осврнеме на различно оценување на фактите можеби треба да се запрашаме дали овој став на Муцунски е „алтернативен факт“. Или алтернативни факти беа сите претходни изјави.

Дали алтернативен факт беше, на пример, изјавата на премиерот Мицкоски на 17 јуни годинава пред гласањето на резолуцијата на Европскиот парламент за Македонија, кога тој се надева дека европратениците ќе го поддржат амандманот во кој билатералните протоколи се исклучуваат како формален составен дел од преговарачката рамка со ЕУ.

„Ако сака Европа да го задржи својот кредибилитет, треба да го направи тоа, треба да ја исправи неправдата што ѝ е нанесена на Македонија. Мислам дека тоа треба да се случи, европските пратеници треба да го поддржат и оној амандман во кој се нотираат придобивките и напредокот, но и оној дел во кој протоколите не се составен дел од преговарачката рамка. Ги охрабрувам и ги замолувам европратениците да се држат до европските вредности дефинирани од Шуман, Аденауер и Де Гаспери при формирањето на ЕУ“, рече тогаш Мицкоски. Тој амандман не помина.

Но овој „алтернативен” или вистински факт, т.е. став на Муцунски, изгледа дека бил европска вредност и дека не ѝ била нанесена европска неправда на Македонија, бидејќи протоколите не биле составен дел од преговарачката рамка.

Тврдењето на Сиљановска

Дали алтернативен или вистински факт беше изјавата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во минатонеделното интервју за Канал 5 кога рече дека изворот на потенцијалните идни блокади на македонскиот европски пат е „вториот протокол меѓу Скопје и Софија, чии одредби се внесени во преговарачката рамка и во заклучоците на ЕУ“.

„Патот (со уставните измени) сигурно ќе се отвори за момент, меѓутоа потоа на патот повторно ќе се појави нова пречка. Треба да го анулирате изворот на пречките, а тоа е протоколот 2“, рече Сиљановска-Давкова.

Еве, министерот за надворешни работи, Муцунски, на свој начин ја анулира оваа пречка, велејќи дека вториот протокол не е дел од преговарачката рамка.

Се разбира, оваа изјава на Муцунски ја измести целата гравитација во вмровскиот табор. Кон што повеќе да се наклонат вмровските претставници кога ќе гостуваат во медиумите – кон толкувањето на правникот и министер Муцунски; или кон објаснувањата на премиерот и машински инженер, Мицкоски? И какви насоки ќе добиваат наредните денови од централата?

Ова е значајна промена во министерските ешалони. Би рекле дури и пресврт. Но, треба малку да се вратите назад. Не во тврдењата од кампањата на ВМРО-ДПМНЕ дека ако дојдат не власт ќе го ревидираат, а можеби дури и поништат, Преспанскиот договор. А можеби и договорот со Бугарија. Од тоа партијата многу брзо се откажа. Потоа речиси две години партиските првенци и министрите и блиските до нив аналитичари (и дел од невладиниот сектор) зборуваа дека преговарачката рамка не е исклесана во камен и дека може да се промени. Сиљановска велеше дека може да се најде некакво „креативно толкување“. За на сите тие „дилеми“ (ако биле дилеми) премиерот Мицкоски да им стави крај на двете години од владата велејќи дека – преговарачката рамка не може да се промени. Веројатно сфаќајќи дека сѐ што пробаа дотогаш беше неуспешно. Таа папка беше архивирана.

Дали приказната со протоколот и преговарачката рамка е на пат да биде затворена во друга папка, не би знаеле да кажеме. Дали тоа е можеби дел од онаа изјава на европскиот амбасадор Михалис Рокас дека под радарот се водат разговори за решавање на проблемот? Тоа веројатно е точно. Дали Тимчо Муцунски беше избран да ја соопшти веста дека протоколот не е дел од преговарачката рамка, или пак тој самиот сака со поголема храброст и политичка решителност да ги придвижи работите кон Европа (откако Црна Гора и Албанија галопираат кон Брисел, а Украина и Молдавија имаат убав кас чекор), барем засега, е прашање за вмровските кремљолози.

Како и да е, работите изгледа дека нема да бидат исти. Главата може несносно да боли од премногу удирање во ѕид. Реалноста е клучот за разбирањето при водењето политика, а не алтернативните факти. Можеби премиерот тоа конечно го разбрал или и тој се изненадил од ставот на шефот на дипломатијата.

Љупчо Поповски

Извор: dw.com/mk

Back to top button
Close