НОВА ЈАЛТА?!
Минхенската конференција помина како онаа поучна арапска приказна кога двајца уморни и жедни луѓе се среќаваат во пустината и почнуваат да се тепаат меѓу себе за тоа како тоа на другиот да му снема вода!
Во шокантниот говор на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет дека „нема враќање на границите од 2014 година“ и дека „членството на Украина во НАТО е нереално“ – цел свет се потресе. Нечесноста повторно почна да се продава како нешто ептен нормално. Уште еден доказ дека правдата излегува на површина откако ќе се удави! Дополнително зло што „решението ќе биде поддржано од меѓународни трупи, ама не од НАТО!“ Сега веќе никој во Европа не е сигурен дека Путин ќе застане на границите на Украина. Тоа е многу опасен преседан во меѓународните односи, оти ќе дополнително го зацврсти законот на најсилниот. Впрочем, тоа би било покана до сите светски диктатори да ги нападнат своите соседи, и тоа ќе биде сосема неказнето.
„Нема членство во НАТО, нема војници на теренот? Звучи како напуштање на Украина“, објави поранешниот литвански министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис на „X“, реагирајќи на коментарите на новиот американски министер за одбрана Пит Хегсет пред почетокот на Минхенската конференција. Членките на НАТО постојано тврдеа дека Украина треба да стане членка на Алијансата во иднина. Дури пред некое време премиерот на Велика Британија Кир Стармер му рече на Зеленски дека земјата е на „неповратен пат“ кон членство. Но, најголемите тешкотии ги наоѓаме таму каде што не ги бараме.
Конечно, Трамп не само што е решен да ја натера Европа да преземе најголем дел од финансиските и воените одговорности за одбраната на Украина, вклучително и можните мировни сили во кои нема да бидат вклучени американски војници, туку тој е спремен да го поткопа и членот 5 од НАТО договорот за „заеднички одговор против агресорот“. Така што членките на Алијансата ако бидат нападнати, наместо колективна одбрана, ќе можат да добијат само „помош“ од другите членки. Британскиот министер за одбрана Џон Хили, очигледно депримиран од американците изјави – „Го слушнавме неговиот повик до европските нации самите да се засилат. Ние сме и ќе бидеме“!
Шокирана од ставовите на САД, поренашната министерка за надворешни работи на Хрватска, Весна Пусиќ, изјави дека – „Путин со дипломатија освои се што не можеше да освои на бојното поле!“ Канада која важи за релевантна членка на НАТО изнесе став дека без согласност на Украина не може да има договор со Русија. Тоа во Минхенската конференција посветено на безбедноста го потврдија бројни европски и светски лидери. Но, познато е дека во политиката, силата секогаш ја погребува правдата.
Главниот адут на Трамп е „логиката“ да се смириме со Русија за да се посветиме со сите сили на „битката“ против Кина, која на САД и е најголем противник (ако не и непријател). Сегашната политика на Трамп само во нијанси се разликува од претседателите на САД од почетоците на 19 век, Томас Џеферсон и Џејмс Монро, кои поаѓале од тоа дека САД треба да ги гледа само своите интереси, а за другите ич не треба да им е гајле. Тогаш тие дури не се грижеле ниту за нивниот природен сојузник Велика Британија! Оттука, вопшто не треба да се чудиме ако Американците ги повлекуваат нивните војници од Европа. Некои тоа го нарекуваат крај на НАТО! Но тоа е тоа. Европа веќе се чувствувата напуштено, а тоа е ужасно чувство.
Трамп, после два века светот го враќа на тие состојби, кога тогашните европски сили цртале карти за помалите, кои потоа насилно ги спроведувале. Сега за да го правите тоа треба да го прегазите сопствениот правен поредок оти како држава сте потписникна Повелбата на ОН и на илјадници други меѓународни договори (кои се дел о внатрешниот правен поредок). За да го правите тоа што сакате, треба да се повлечете од членство на ОН. Треба институционално да се повлечете од Повелбата на ОН и од стотина други акти, што ниту во сон не е можно. Но, практиката на теренот се движи во спротивна насока од таквиот императивен правен поредок.
Меѓународната политика на хаосот ни тропа на врата. Сега никој не ќе може да го спречи Израел за околните територии. Никој не и може ништо на Турција за севрна Сирија, на Кина за Тајван, на Индија за дел од Тибет и Кашмир, на Пакистан за дел од Кашмир, за проблемите околу Судан, Нигерија, Конго итн. Која ќе ја спречи Русија за Приднестовие?! Така е кога среќата се бара таму каде што други ја изгубиле. Хрватскиот премиер Пљенковиќ со право вели „Ова е опасен преседан, во уништување на темелите на меѓународното право за заштита на територијалниот интегритет“.
Во меѓувреме се дозна дека официјални лица на САД и на Русија ќе се сретнат во Саудиска Арабија во наредните денови за да започнат разговори со цел „да се стави крај на речиси тригодишната војна во Украина“. Украинскиот претседател Зеленски воопшто не е запознаен за средбата, а нема добиено ниту покана за Саудиска Арабија! Од американска страна таму ќе бидат државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Валц и пратеникот на Белата куќа за Блискиот Исток Стив Виткоф. Не е познато кој ќе биде од руска страна. Украина е оставена во кал!
И ЕУ има свои гревови!
Конечно, ЕУ треба да се соочи со својата грешка. Воопшто не е добро за важни работи да се одлучува со помош на некаква неформална „европска локомотива“, каква што долги години била Ангела Меркел, туку потребно е да се градат заеднички функционални институции за тој домен. Познато е дека Меркел поради рускиот гас и нафта ѝ прогледуваше низ прсти на Русија, првин за Јужна Осетија, потоа за Абхазија и на крајот за Крим. Кога мечката заигра пред самиот комшиски двор, веќа стана доцна. Такво молчење доведе до војна во срцето на Европа, која ЕУ може да го доведе до целосен колапс.
Оттука, делумно е во право потпретседателот на САД Џејмс Венс кога вели дека ЕУ културолошки е променета. Замислете, токму едни држави што најмногу страдале од некогашниот Советски сојуз, сега станале поддржувачи на Путин, од потреба за што подолго недемократско владеење. Тоа го праваат на штета на важни интереси на ЕУ кај што и самите членуваат. Најнов од нив е премиерот на Чешка република Роберт Фицо, а унгарскиот премиер Виктор Орбан веќе 15 години бескрупулозно го прави тоа, а ЕУ нема механизми тоа да го спречи. Интересно што и бројни радикални десничарски партии од западна Европа сега се големи обожаватели на начинот како владее Путин. И тука Џејмс Ванс е во право, ама заборава дека и Америка културолошки е многу сменета со самиот факт што станува природен сојузник на Путин. A познато е дека пеколот е најголема награда за оние кои го поддржуваат ѓаволот.
Некои луѓе ова го гледаат како еден вид „нова Јалта“ што била одржана во 1945 година во палатата „Ливадија“ на Крим, кога се сретнаа „тројцата великани“ (Рузвелт, Черчил и Сталин). Таму се расправаа за границите, за зоните на влијание, за казнувањето, но без присуство на други државници! Францускиот лидер Шарл де Гол бил најмногу огорчен бидејќи не бил поканет ниту во Потсдам! Тоа остави длабоки последици во односите меѓу САД и Франција (која потоа долго време не сакаше да биде во НАТО). Познато е дека капка отров може да отруе цело море.
И сега францускиот претседател Емануел Макрон пак предупреди дека секој мировен договор што вклучува капитулација пред Русија ќе заврши „лошо за сите“. Новиот Трамп можеби посакува „нова Јалта“, ама и тоа е сега многу покомплицирано. Вистинската Јалта е оддржана после педесетина милиони жртви и големи рзорања по светот, и под таа импресија тие успееја да воспоставуваат силен и функционален светски поредок. Сега тоа веќе е минато. ООН со сите нејзини специјализирани меѓународни организации веќе е нефункционална. Тоа наликува на голем шлепер без волан, без сопирачки и без шофер.
И покрај идеолошките поделби, големата тројка – Сталин, Рузвелт и Черчил – успеаја да постигнат клучни договори кои, барем за одредено време, ја одредија судбината на повоениот свет. Сега тоа не е можно без една поширока војна, која лесно може да прерасне во глобална и нуклеарна војна. Изгледа е дојдено времето кога не мораме да го посетиме пеколот за да најдеме страшни луѓе!
Мерсел Биљали