Нова.рс: Американската компанија „Бехтел“ влегува во енергетскиот сектор на Србија

 

Американската компанија „Бехтел“ би можела да влезе во енергетскиот сектор на Србија за што отворено покажа интерес за инвестирање, објави Нова.рс. Компанијата, како што пишува медиумот, според посебна процедура добила многу вредна работа на изградбата на Моравскиот коридор, а според најавите требало да соработува со Рио Тинто за проектот Јадар.

Медиумот пишува дека претходната министерка за енергетика на Србија, Зорана Михајловиќ, во јануари годинава се сретнала со претставници на „Бехтел“ и по тој повод се зборувало за нови инвестиции во тој сектор, особено во областа на обновливите извори на енергија.

Потоа, во август се одржала нова средба, на која во присуство на американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, се разговарало за соработката меѓу Србија и САД во областа на енергетиката и изградбата на реверзибилната хидроцентрала Ѓердап 3.

Запрашан за можните инвестиции на „Бехтел“ во енергетиката во Србија, амбасадорот Хил во интервју Нова.рс вели дека се работи за огромна инженерска компанија од Америка, која се занимава со бројни инфраструктурни проекти. Тој потсетил дека оваа компанија во Србија се занимава со изградба на Моравскиот коридор, наведувајќи дека тоа ќе биде технолошки напреден автопат.

„Ќе можете, на пример, да користите интернет во автомобилот додека возите. ‘Бехтел’ е многу добро познат и мислам дека е заинтересиран да биде дел од решението кога се во прашање енергетските потреби на Србија. Србија има значителни потреби, а Америка има многу решенија во рамките на зелената енергија. Мислам дека можноста САД да бидат дел од економската иднина на Србија е добра и за двете земји. Ако тоа вклучува ангажирање компанија како ‘Бехтел’, тоа е одлично, што се однесува до мене“, изјавил американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил за Нова.рс.

Работа вредна 755 милиони евра

Вниманието на јавноста го привлече купувањето на „Бехтел“ преку конзорциум со турската компанија „Енка“ за изградба на Моравскиот коридор. Иако се работи за проект вреден дури 755 милиони евра, на јавниот повик за стратешки партнер се јави само таа компанија.

Според српскиот медиум Инсајдер, во овој случај не бил применет Законот за јавни набавки, туку бил донесен нов – Закон за утврдување јавен интерес и посебни постапки за спроведување на проектот за инфраструктурен коридор на автопатот Е-761, делница Појате-Прељина. Така Моравскиот коридор бил прогласен за проект од јавен интерес, а потоа бил донесен и декрет.

Според тој документ, на јавниот повик можела да се пријави само компанија или конзорциум што во последните три години имал финансиски промет од најмалку една милијарда евра, што заедно со некои други услови дополнително ја намалило конкуренцијата.

Поради тоа што Владата на Србија претходно потпишала меморандум за разбирање со „Бехтел“, дел од опозицијата ги обвини претставниците на власта дека на овој проект работат надвор од законот.

„Бехтел“ и Рио Тинто

Судејќи според медиумите, „Бехтел“ требало да се вклучи и во проектот Јадар. Од компанијата Рио Тинто за српскиот портал БИРН потврдиле дека во 2018 година потпишале договор за управување со проекти за „Јадар“ со градежната компанија „Бехтел“.

„Соработката со ‘Бехтел’ трае повеќе од 50 години и заедно реализиравме неколку значајни проекти. Компанијата ‘Бехтел’, како и секој изведувач на компанијата Рио Тинто, договорот го доби преку тендер“,посочиле од Рио Тинто за БИРН.

Проектот Јадар во меѓувреме е стопиран.

Според податоците од веб-страницата на Агенцијата за деловни регистри, американската компанија „Бехтел“ е во Србија од 2018 година.

Американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ минатата година потпиша меморандум со Владата на Република Северна Македонија за изградба на автопатски делници за коридорите 8 и 10, а Собранието донесе Закон за утврдување јавен интерес и негово номинирање за стратешки партнер за овој проект.

Првата постапка за избор на правен надзор и консултант за изградбата на автопатите што ќе ги гради „Бехтел и Енка“ беше поништена откако избраниот понудувач во предвидениот рок не ја обезбеди банкарската гаранција за навремено и квалитено извршување на договорот.

По заокружувањето на втората постапка, пак, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во септември годинава изјави дека подготвителните работи се очекува да завршат до крајот на оваа година, а по проектирањето и експропријацијата во текот на следната година да има работа на терен.

Пред само три дена, на 27 декември, Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) информира дека во постапката за јавна набавка за избор на надзор и правен консултант за изградба на Коридор 8 и Коридор 10 што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум се поднесени две жалби.

На 14 декември годинава Јавното претпријатие за државни патишта информираше дека на тендерот за надзор и правен консултант за изградба на Коридор 8 и Коридор 10-д е избрана понудата на „Ird engineering“ во износ од 1 374 304 070 денари, со што почна да тече и рокот за жалби. На тендерот, што беше отворен од 15 септември до 17 октомври годинава, аплицираа и „Ingerop conseil et ingenierie“ која конкурираше со 1 106 040 600 денари, како и „Хил интернационал“, со понуда од 1 533 721 722 денари.

Во интервју за „360 степени“ во октомври годинава, на новинарската констатација дека загриженоста кај ЕУ за овој проект, поради заобиколување на законот за јавни набавки, премиерот Димитар Ковачевски рече дека Владата и изведувачите ќе треба да ги уверат земјите членки на ЕУ дека донесениот закон ќе резултира со изградба на автопати кои ќе бидат значајно инфраструктурно поврзување со Албанија и пристаништето Драч.

Дополнително, прашан дали кредитот од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) доцнеше поради забелешки од влијателна земја членка на ЕУ и на НАТО за некомпетитивната процедура во која државата влегува во договор со конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на неколку автопатски делници, Ковачевски одговори дека сите проекти што ги има државата се разгледуваат од ММФ, а она што е важно за проектот за коридорите 8 и 10 е дека тие се увериле оти тој ќе биде направен врз основа на анализа на независна консултантска куќа која треба да биде советник на Владата.

Од друга страна, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски во гостувањето во емисијата „360 степени“, исто така, во октомври оваа година, кажа дека не го поддржува кој било проект што се води надвор од очите на јавноста на нетранспарентен начин, па и проектот за изградба на автопати од американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Тој рече дека поддржува инвестиции, особено во патната инфраструктура, но во транспарентна постапка.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close