Нова заштитна ограда на обиколницата Битола и обнова на 170 километри патна мрежа во пелагониско

– За околу два месеца треба да биде завршен проектот за поставување заштитна ограда во должина од еден километар на обиколницата на Битола, инвестиција во вредност од половина милион евра што треба да ја намали бучавата во тој дел и да ја зголеми безбедноста.

Увид во активностите на терен денеска извршија министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов кои најавија дека годинава е предвидено да стартува обнова на 170 километри патна мрежа во Пелагонискиот регион, инвестиција од околу 27 милиони евра. За наредниот месец е планирана објава на тендери за обнова на седум регионални патишта во околината на Битола, Крушево, Демир Хисар и Прилеп.

-Се гради во пелагонискиот регион, ја завршивме реконструкцијата на патот од Тополчани до Прилеп, се гради патот од Кадино село до Галичани, наскоро ќе почне реконструкцијата на патот од Битола до Меџитлија, се обновува регионалниот пат Крушево-Слива-Пуста река и други капитални проекти коишто се одвиваат со одлична динамика, истакна Сугарески.

Потенцираше дека поставувањето на заштитната и високобезбедна ограда со звучна бариера на обиколницата кај Битола ќе ја намали бучавата и ќе ја зголеми безбедноста на населението. Со тековните градежни активности за санацијата на свлечиштето  кај регионалниот пат Макази-Маркова Нога, посочи, проблемот ќе биде решен, а безбедноста на учесниците во сообраќајот и туристите голема.  Овој пат води до граничниот премин Маркова Нога, а министерствата за надворешни работи интензивно разговараат за отворање на преминот, наведе Сугарески.

Заштитната ограда во должина од еден километар на обиколницата кај Битола е проект награден во Брисел како пример на звукозаштитна бариера изградена со еколошки материјали.Тоа е втората фаза од проектот, а со правата беше обновена обиколницата.

-Оградата е со висок коефициент на апсорпција на звукот, направени се од бетонска маса со гумено јадро. Овој концепт претставува економично и еколошко решение за заштита од бучава кое истовремено е едноставно за примена. Средишниот дел ќе биде изработен во различен колорит и на две нивоа, и тоа ќе биде прекрасен дел од овој дел на патот над Битола, изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Тој очекува проектот да биде завршен пред предвидениот рок, односно за месец до месец и половина. Сега се работи на почетниот и завршниот дел, а веднаш потоа следува изградбата на средишниот дел во близина на куќите.

Како што најавуваат од ЈП за државни патишта, годинава ќе започне обновата на патиштата Кичево – Македонски Брод, Битола – Меџитлија, Крушево – Демир Хисар, Битола – Демир Хисар, Другово – Демир Хисар. Се очекува проектната документација за изградба на експресен пат Битола – Меџитлија и изградба на нова обиколница на Битола, а привршува и проектот за изградба на автопат Прилеп – Битола.

Емилија Костурски, заменик градоначалник на општина Битола, истакна дека проектот за изградба на заштитната ограда на обиколницата на Битола значи решавање на три проблеми на граѓаните на Битола, односно контрола на бучавата, зголемување на безбедноста во сообраќајот и заштита на животната средина.

Сугарески и Китанов извршија увид и на градежните работи на свлечиштето близу преспанското село Штрбово, на местото викано Долги Рид кое се наоѓа на регионалниот пат Макази-Маркова Нога.Со тековните градежни активности за санацијата на свлечиштето  кај регионалниот пат Макази-Маркова Нога проблемот ќе биде решен, а безбедноста на учесниците во сообраќајот и туристите голема.  Овој пат води до граничниот премин Маркова Нога, а министерствата за надворешни работи интензивно разговараат за отворање на преминот, наведе Сугарески.

Back to top button
Close