Нуклеарната централа во Чернобил повторно остана без струја

Штетата настанала набргу откако украинската национална енергетска компанија „Укренерго“ го вратила снабдувањето со електрична енергија во објектот, откако претходно по првпат беше прекинат доводот на струја

Нуклеарната централа во Чернобил повторно остана без струја откако руските сили по вторпат оштетија високонапонски далновод кој ја снабдува централата со струја, соопшти денеска украинската национална енергетска компанија „Укренерго“, пренесе РСЕ.

Штетата настанала набргу откако компанијата „Укренерго“ го вратила снабдувањето со електрична енергија во објектот, откако претходно по првпат беше прекинат доводот на струја.

Компанијата во соопштението вели оти руските сили повторно ја оштетиле електричната мрежа која, освен централата во Чернобил, со струја го снабдува и градот Славутич.

Операторот „Укренерго“ не соопшти дали целокупното напојување на централата било во прекин како резултат на најновата штета, но побара пристап до областа за да се изврши поправка.

Операторот нагласи дека централата во Чернобил е важен објект што не може да се остави без снабдување со енергија, а снабдувањето со електрична енергија за жителите на градот Славутич зависи и од далноводот до централата.

Централата во Чернобил, местото на една од најтешките нуклеарни катастрофи во светот, беше целосно исклучена од електрична мрежа минатата недела како последица на руски напад, а електраната остана без струја.

Тогаш украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба предупреди оти резервните дизел-генератори имаат капацитет од 48 часа за напојување на нуклеарната централа Чорнобил, а потоа системите за ладење на складиштето за потрошено нуклеарно гориво би престанале да работат, со што би дошло до истекување на радијација.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close