Џо Бајден по налогот за апсење на Путин: Мислам дека е оправдано

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека рускиот претседател Владимир Путин извршил воени злосторства и дека одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) да издаде налог за негово апсење е оправдана.

Претходно вчера МКС издаде налог за апсење на Путин под сомнение дека е одговорен за нелегална депортација на деца и трансфер на луѓе од територијата на Украина во Русија. САД не го признаваат тој меѓународен суд.

„Мислам дека е оправдано. Проблемот е што не сите, вклучително и ние, го признаваат судот. Но, мислам дека тој испрати силна порака“, им рече Бајден на новинарите.

САД утврдија, независно од МКС, дека руските сили извршиле воени злосторства во Украина и веруваат дека сторителите мора да одговараат, се вели во соопштението на портпаролот на Стејт департментот.

Потегот на МКС обврзува 123 земји-членки да го уапсат Путин доколку тој се најде на нивна територија и да го префрлат на судење во Хаг.

МКС, исто така, издаде налог за апсење на Марија Алексеевна Лвова-Белова, руски комесар за правата на децата, по истите обвиненија.

Русија ги отфрла обвинувањата дека нејзините сили извршиле воени злосторства за време на инвазијата.

Кремљ вчера објави дека налогот за апсење на Путин е срамота и, што се однесува до Русија, бесмислен, и дека Русија, како и многу други земји, не ја признава јурисдикцијата на МКС

Back to top button
Close