Објавена фотографија од српскиот патник повреден на летот Солун – Минхен

Грчките медиуми објавија фотографија од 61-годишниот српски државјанин кој беше повреден во драматичниот инцидент на летот на „Рајанер“ од Солун кон Минхен. Тој се наоѓа на лекување во болница во Солун и, според лекарите, не е животно загрозен.

Инцидентот се случил откако, за време на летот, дошло до оштетување на прозорец во патничката кабина. Патникот седел до прозорецот, а поради наглата декомпресија бил делумно извлечен кон надвор од авионот.

Во изјава за грчката телевизија „Мега“, сопругата на повредениот раскажала дека драмата започнала околу половина час по полетувањето.

„Летавме околу 30 до 40 минути кога одеднаш пукна прозорецот. Мојот сопруг седеше до прозорецот. Сè се случи во дел од секунда. Поради разликата во притисокот, половина од неговото тело заврши надвор. Низ кабината летаа предмети, се активираа маските за кислород, а патниците беа во паника“, изјавила таа.

Таа додала дека сопругот бил спасен затоа што бил врзан со сигурносен појас, но и благодарение на брзата реакција на неа и на уште двајца патници.

„Ние две го држевме, а потоа ни помогна и еден господин од соседниот ред. Заедно го влечевме додека половина од телото му беше надвор од авионот“, раскажала таа.

По инцидентот, екипажот го прекинал летот и авионот безбедно слетал на аеродромот „Македонија“ во Солун.

Повредениот патник, како и лицата кои му помогнале за време на драмата, биле пренесени во болница.

Според грчките медиуми, меѓу кои и „Катимерини“, една од можните причини што се разгледуваат е дека при оштетување на моторот се одвоил негов дел, кој удрил во прозорецот и предизвикал негово кршење. Официјалната причина сè уште не е утврдена.

Фотографиите по слетувањето покажуваат сериозно оштетување на десниот мотор, како и скршен прозорец во патничката кабина и активирани кислородни маски.

Од Генералниот конзулат на Србија во Солун соопштија дека генералниот конзул Јелена Вујиќ-Обрадовиќ го посетила повредениот во болница и разговарала со лекарите и неговата сопруга.

Според информациите од конзулатот, 61-годишниот српски државјанин не е животно загрозен и неговата здравствена состојба внимателно се следи.

Истрагата за сериозниот воздухопловен инцидент ја водат македонските надлежни органи, бидејќи настанот се случил во македонскиот воздушен простор, објави Aero.rs.

Согласно правилата на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO), во истрагата ќе бидат вклучени и експерти од Грција, Малта и САД.

Истражителите ќе ги анализираат податоците од црните кутии, разговорите во пилотската кабина, документацијата за одржување на авионот, како и сите пронајдени делови од оштетениот мотор, со цел да утврдат што точно довело до инцидентот.

Back to top button
Close