Објавена книгата „Естетика: естетички категории“ на Иван Џепароски

Деновиве во издание на „Аз-Буки“ од Скопје во рамките на едицијата „филозофски дисциплини“ излезе од печат книгата „Естетика: естетички категории“ на филозофот, естетичарот, теоретичарот на културата и поетот Иван Џепароски Тој е автор на голем број филозофски и книжевни дела а за своето творештво има добиено голем број награди, меѓу кои и „Млад Борец“, „Димитар Митрев“, „Григор Прличев“, „Браќа Миладиновци“ и др. Работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор по Естетика и Филозофија на културата. Бил и е раководител на Институтот по филозофија (2004-2009; 2013-2020) и секретар на Македонскиот П.Е.Н. Центар (1999-2001; 2008-2014). Некои од неговите есеи, како и поезијата, се преведени на над дваесет странски јазици во светот а неговата антологија „Македонскиот есеј“ преведена е на англиски, француски, германски, руски, шпански и на кинески јазик, додека книгата „Уметничкото дело“ на албански јазик.
Книгата „Естетика: Естетички категории“ претставува прв ваков труд од македонски автор. Тоа е дело во кое се сумира повеќедецениското занимавање на авторот на оваа книга со прашањата на естетиката и на филозофијата на уметноста. Во ова дело централно место заземаат сеопфатните анализи на основните естетички категории: „убаво“, „возвишено“, „трагично“, „комично“, „милно“ и „грдо“ во рамките на нивниот историски и теориски развој, но, едновремено, во воведот и во првата глава се дава и преглед на актуелните состојби во рамките на дисциплината естетика, а се толкуваат и мета-естетичката категорија „естетско“, како и категориите „вкус“, „уметничко дело“ и „естетско искуство“. На тој начин се оформува и едно сопствено толкување на т.н. систем на естетичките категории и на еден оригинален и автономен начин, но и врз основа најзначајните достигнувања на планот на систематската естетика во светот, ѝ се нуди на нашата културна и научна јавност дело посветено на темелите на естетиката како филозофска дисциплина.






