Обележани дел од ливчињата од тајното гласање за претседател на парламентот на Словенија

Дел од гласачките ливчиња од тајното гласање за избор на претседател на парламентот на Словенија се обележани. Информацијата ја објави словенечката новинска агенција СТА по поднесено барање за увид на гласачките ливчиња од гласањето во петокот, согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер.
Новинската агенција објави дека дел од ливчињата, со кои е гласано „за“ избор на Зоран Стевановиќ за претседател на Народното собрание на Словенија, се обележани со различни знаци.

Идентификувани се три вида на ознаки. Девет од гласачките ливчиња се обележани со круг во долниот десен агол на ливчето, шест гласачки ливчиња се обележани со точка до гласот „за“, а четири ливчиња се одбележани со ѕвездичка во горниот дел од гласачкото ливче.

Останатите 29 ливчиња со кои е дадена поддршка за Стевановиќ се без никаква ознака, исто како и гласачките ливчиња со кои е гласано „против“ неговиот избор за претседател на парламентот. Две гласачки ливчиња се неважечки и се без дополнителни ознаки, освен што се пречкртани.
На гласањето за претседател на Народното собрание на Словенија во петокот гласаа вкупно 79 пратеници. Најголемиот дел од нив, односно 48 гласаа „за“ изборот на Зоран Стевановиќ, 29 беа „против“, две гласачки ливчиња беа неважечки, а 11 пратеници одбија да гласаат.
По наводите за обележување на дел од гласачките ливчиња од тајното гласање за избор на спикер, партијата „Слобода“ на сè уште актуелниот премиер Роберт Голоб, оцени дека се работи за неприфатливо мешање во правата на пратениците и во правото на глас како едно од основните политички права на граѓаните.
„Слободата на пратеничкиот мандат, која е уставно загарантирана, и тајноста на гласањето како негов важен заштитен механизам се основа за независноста на донесувањето одлуки и интегритетот на изборите на највисоките претставници на државата, и никој нема право да ги злоупотребува за свои лични политички интереси“,велат од партијата на Роберт Голоб, додавајќи дека ваквата практика ја повредува тајноста на гласањето, а со тоа и основните демократски права.






