Обраќање на МАНУ за филантропската дејност и поддршката што ја добива од Трифун Костовски
ОБРАЌАЊЕ до јавноста за значајниот придонес на семејството Костовски во финансирањето научноистражувачки и уметнички проекти: објавување научни и уметнички изданија и преводи на научни и уметнички дела и откуп на уметнички и други дела од областа на духовното и материјалното културно наследство, историјата и културата на нашата земја, преку Фондот „Трифун Костовски“ при МАНУ, за да се истакне свеста за важноста на придонесот на Фондот во реализацијата на некои иницијативи на МАНУ и
во афирмацијата на македонското културно богатство
МАНУ, неодамна, на 13 јули 2020 година, склучи Договор за понатамошно финансирање на Фондот „Трифун Костовски“ при МАНУ (основан во 1998 година), чијшто фондатор е Трифун Костовски, според којшто, во име на фондаторот, е преземена обврска да се уплатува секоја година на сметката на МАНУ определен износ на средства, почнувајќи од 1 јануари 2020 година, за период од четири години.
Со овој Договор се гарантира натамошниот континуитет во исполнувањето на благородната и филантропска мисија на Фондот „Трифун Костовски“, со што и во следните четири години ќе се овозможи поддршка на научни и уметнички дела на наши академици, како и на научници и уметници од земјава и од странство поврзани со историјата и културата на нашата земја.
Само за потсетување, Фондот, кој претставува чин на доброчинство и филантропија на неговиот основач и осведочен пријател на МАНУ, Трифун Костовски, во изминатите 22 години од неговото основање, разви богата дејност насочена кон финансирање и реализација на горенаведените цели и задачи: 55 објавени книги, 55 слики во масло на платно, 16 скулптури во бронза и во дрво, 23 одбележувања на јубилеи, промоции на книги и изложби и снимање на четири филма.
Фондот, во целиот овој период, доследно ја следеше пораката и волјата на нејзиниот фондатор, искажана преку неговата мисла: „Сакам да ги потпомогнам и охрабрам сите оние кои им се завештаа на науките и на уметностите и кои својот труд и дарба ги возвишија во духовни вредности на татковината и на човештвото“.
Имајќи го предвид наведеното, Претседателството на МАНУ, на 518. седница одржана на 10 септември 2020 година, заклучи да упати писмо до медиумите во коешто ќе ја потсети јавноста за филантропијата на господинот Трифун Костовски и неговото семејство и за нивниот значаен придонес во финансирањето проекти од научноистражувачки и уметнички карактер, објавување и превод на научни и книжевно-уметнички изданија и откуп на уметнички дела, како и во поддршката на иницијативи од областа на заштитата и афирмацијата на македонското културно наследство.
Целта на ова обраќање е да ја потсетиме јавноста на фактот дека филантропијата не е само индивидуален чин на хуманост, доброчинство, човекољубие и сомилост, туку дека филантропијата е општествено корисен чин кој би требало да се усвои и пошироко и да прерасне во легитимен цивилизациски феномен. Неслучајно, современите општества длабоко ги респектираат филантропските иницијативи, а владите, преку јавните политики, сестрано ги охрабруваат, ги поттикнуваат и ги поддржуваат.
МАНУ, во ова обраќање до јавноста, сака да ја истакне и свеста за важноста на придонесот на Фондот „Трифун Костовски“ во реализацијата на некои иницијативи на МАНУ и во афирмацијата на македонското културно богатство. Тоа претставува не само знак за морална поддршка на личноста на Трифун Костовски, туку и пледоаје за промовирање на доброволните облици на донаторство во областа на науката и уметноста, односно апел за општествена верификација на статусот на филантропството
кај нас, за поттикнување на други претприемачи, менаџери и бизнисмени да го следат примерот на македонскиот бизнисмен, општественик и филантроп Трифун Костовски.
Во продолжение, наведуваме и неколку искази на Трифун Костовски, илустративни за неговата филантропска мисија:
– „Јас сум длабоко уверен дека напредокот на човештвото е неразделно поврзан со развојот на науката и брзата примена на нејзините резултати. Тое е особено значајно да го сфатат малите земји. Порати тоа, постојано треба да ја наметнуваме свеста кај нашите влади дека нивните стратегии за развој мора да се потпираат врз науката, бидејќи без нејзиниот напредок беше незамислив и досега, но во XXI век ќе биде
просто невозможен напредокот на секоја земја. Во таа смисла, тие се должни, заедно со претставниците на науката, да пронајдат нови модуси за органско поврзување на науката и политиката, на капиталот и на умот“ (2004); и
– „На Македонската академија на науките и уметностите и ја понудив својата донаторска и фондаторска мисија, длабоко убеден дека нашата Академија била, е и ќе остане оној базичен столб на нашата наука и уметност, кои не одржале во времето и кои во него нé прославувале низ целиот свет“ (2003).
Во контекст на горенаведеното, МАНУ искажува јавна благодарност до семејството Костовски и надеж дека и во иднина ќе постојат непречени и поволни услови за остварување на хуманата, културна и општествена улога на Фондот „Трифун Костовски“ при МАНУ и пошироко.