ОБСЕ и ЕУ три години ќе мониторираат случаи на организиран криминал и висока корупција

– ОБСЕ и ЕУ денеска го одбележаа почетокот на заедничкиот проект за мониторинг на судски процеси во областа на организираниот криминал и корупција, чија цел е подобрување на спроведување на правдата и намалување на корупцијата и организираниот криминал, што е неопходно за исполнување на критериумите за пристапување во ЕУ.

Набљудувањето на судските процеси ќе започне во јули 2021 година и ќе трае до декември 2023 година.

Амбасадорот на ОБСЕ во земјава Клеменс Која, на одбележувањето на стартот на проектот истакна оти предвидува дека Мисијата на ОБСЕ во рамки на овој проект ќе набљудува приближно 50 високи и средно високи случаи на организиран криминал и корупција.

– Методологијата е изработена согласно добрите практики на ОБСЕ за следење на судењето. Специфично е дизајнирана да одговори на целите на проектот, овозможува и компаративна регионална рамка, вклучително развој на специфични алатки неопходни за следење на судењето, истакна Која.

Според него, проектот во исто време ќе им помогне на судовите, обвинителствата и институциите за спроведување на законот, да ги зајакнат своите капацитети преку детални препораки и да им се овозможат анализи и препораки преку кои ќе се идентификуваат системските прашања во процесуирање на случаите на организиран криминал и корупција.

– Проектот исто така ќе ги идентификува проблемите и празнините и ќе придонесе за развој на политики со кои тие ќе се решаваат. Релевантните институции ќе имаат придобивки од добивање поддршка преку градење капацитети, како и подобрување во институционалната поставеност и креирање политики, рече амбасадорот на ОБСЕ, Која.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во своето излагање кажа дека ефикасен, фер и судски систем што дава доверба е суштински дел на владеење на правото во секоја земја.

– Без владеење на правото, корупцијата и организираниот криминал излегуваат надвор од контрола. Државата може да биде заробена од приватни интереси. Расте незадоволството на јавноста, доведувајќи до несигурност и нестабилност. Не треба да кажам повеќе, тоа сте го виделе порано. И ние тоа сме го виделе, повеќето земји, кои сега се членки на Унијата биле сведоци на слаб правосуден систем. Поради тоа владеењето на правото е еден од фундаментите врз кои е основата Европската Унија, рече Гир.

Поради тоа, истакна Гир, владеењето на правото е еден од фундаментите и во контекст на проширувањето, а тоа во практика значи дека нашата поддршка во оваа суштинска област почнува уште од првиот ден и трае до самиот процес на зачленување во Унијата.

– Развојот на правосуден систем којшто ќе биде ефикасен во борбата против корупцијата и организираниот криминал не е само важен во контекст на идно членство во ЕУ, туку е од круцијално значење и за самите граѓани. И самите знаете дека граѓаните постојано се жалат на корупција, и бараат реформи, напредок и промена на оваа ситуација, рече Гир.

Министерот за правда Бојан Маричиќ во своето обраќање на одбележувањето на активностите за мониторигн на судските процеси, истакна дека следењето на судењата за случаи на корупција на високо ниво и организиран криминал навистина може да биде еден од начините за постигнување позитивни резултати.

– Тоа ќе ја зголеми одговорноста во работењето на обвинителите и судиите, истовремено ќе ја зајакне борбата против корупција, но и ќе ја зголеми довербата кај граѓаните во институциите и во својата држава,  истакна Маричиќ.

Според него, фактот што ние сме првата земјава во регионот која од ЕУ побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на предмети за висока корупција, покажува дека Владата има искрена намера за неселективна правда и транспарантни судски процеси.

Во своето излагање министерот за правда, пред првите луѓе на Мисијата на ОБСЕ и ЕУ во земјата, се осврна и на важноста и придобивките од заедничката соработка, посочувајќи го проектот за мониторинг како значаен исчекор напред во борбата против корупцијата, којашто бара силна поддршка и вклученост на сите засегнати страни.

– Ова ќе биде предизвик за македонскиот судски систем, но од друга страна и тест. Дека реформите на кои интензивно работиме и сите законски измени кои се направени, не се само на хартија и навистина функционираат во пракса. Заедничко право во областа на судството во Европската Унија нема, но целта кон која се стремиме во оваа област е судството да биде независно и ефикасно, да испорачува правда, законите да важат за сите подеднакво, а граѓаните да веруваат и да имаат доверба дека тоа навистина е така. Токму тоа е нашата заложба, да градиме систем кој испорачува правда, истакна Маричиќ.

Министерот за правда изрази уверување дека неговата лична заложба и на Владата ќе се исполни и вистински овој мониторинг ќе помогне на македонското да стане европско судство.

Тој изрази и очекување проектот да укаже на она што е слаба карика во моментот во македонското судство, но и реален индикатор во кој дел треба да се прават промените, без притоа да се наруши принципот на судската независност.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе го спроведе овој тригодишен проект финансиран од ЕУ. Преку набљудување на судските процеси, оваа регионална иницијатива промовира поефикасно спроведување на правдата во врска со случаи на сериозна корупција и организиран криминал. Во овој контекст, проектот придонесува во борбата против широко распространетата и системската корупција и организираниот криминал кои се закани за долгорочната стабилност и просперитет во целиот регион.

Клучни крајни корисници се кривично-правните системи како главни инструменти за борба против организираниот криминал и корупцијата. Проектот ќе им помогне на судовите, обвинителствата и органите надлежни за спроведување на законите да ги зголемат своите капацитети, ќе им овозможи да научат од другите засегнати страни, а ќе понуди и потребни сознанија со цел да се влијае врз развојот на политики за решавање на идентификуваните прашања во текот на проектот. На долг рок, по завршување на проектот, се очекува овие институции да имаат корист од добивањето на целно ориентирана поддршка преку градење на капацитети, подобрувања во институционалната поставеност и креирањето на политики.

Back to top button
Close