Обвинителот Јанев: Вградените градежни материјали, на своја рака од сопственикот на ,,Пулс”, се носечка причина за смртта на жртвите

Во својот воведен говор за трагедијата во кочанската дискотека ,,Пулс”, обвинителот Борче Јанев, образложи и зошто димензијата и последиците на оваа трагедија биле толку разорни, односно одзеде 63 животи и повреди над 200 млади.
-Тоа се гледа од неколку клучни фактори присутни од самото отварањето на дискотеката.
Вградените градежни материјали на своја рака од обвинетиот Дејан Јованов, без безбедносна проверка на нивното значење и што истите може да предизвикаат, ќе се покажат како носечка причина за смрт. Сунѓерот со кој била обложена плафонската конструкција во дискотеката уште од нејзиното отварање во 2012 година била со исклучително опасна и токсична емисија на гасови, како резултат на согорувањето. Немало доволно излези, не можеле сите да го напуштат објектот и да побегнат, останале само млади животи, пламен и изгубена надеж.
Затоа со ова обвинение тврдиме дека не само активните инкриминирани дејствија поврзани со употребата на пиротехниката, туку и континуираните деликти на несторување на обвинетите, го причиниле криминалниот резултат затоа што во самата дискотека имало целосно небезбедни услови како таква воопшто не смеела да постои.
Од овие причини неправото тврдиме дека не може да се исцрпи и да се подведе под законско обележје на друго кривично дело, туку на кривичното дело тешки дела против општата сигурност на луѓето и имотот. Согледано и преку неговиот активен облик во ставот 1 од членот 288 од КЗ, но и неговиот пасивен казнив облик предвиден во ставот 2 од истиот член, според кој нагласувам одговорност постои како за службени така и за одговорни лица, истакна обвинителот Јанев.
Тој потенцираше дека сепак обвинетите немале умисла за предизвикување на трагедија каква што за жал се случи.
-Да нема никакви забуни на никој од овие обвинети не му се става на товар дека имале умислен однос кон настапената последица. Во самиот квалифициран облик предвиден во член 292 став 2 од КЗ, е инкорпорирана одговорноста за потешка последица кога сторителот спрема неа делувал од небрежност.
Но во делот на нивните дејствија на сторување или несторување кои доведоа да штетната последица загуба на човечки животи немаме дилеми дека делото го сториле со облик на вина – евентуална умисла, затоа што сите биле должни да постапуваат по императивни безбедносни правила и норми во делот на нивните законски овластувања и должности.
Доказите ќе покажат дека опасноста која демнела со години никој од овие обвинети не сакал да ја согледа и види. Меѓутоа, тие требале, морале и биле должни да ја видат и спречат, рече обвинителот.






