Обвинителот Цветановски се враќа на работа, предметот за Хајрулахи е укинат

Обвинителот Јован Цветановски се враќа на својата функција, откако Советот на јавни обвинители едногласно ја укина неговата суспензија и одлучи предметот да го врати на повторно разгледување. На истата седница Советот го прекина дисциплинскиот предмет против поранешниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, бидејќи тој претходно поднел барање за престанок на функцијата.

Во изјава за медиуми по седницата, претседателот на СЈОРМ, Башким Бесими, изјави дека го разгледале решението и жалбите и констатирале дека има пропусти во Првостепената комисија во предметот за Цветановски.

 

– Advertisements –

 

-Како Совет, ние не можеме да ги исправиме тие пропусти, бидејќи нашите надлежности не го дозволуваат тоа. Заради тоа предметот го враќаме назад со конкретни насоки, а потоа Комисијата ќе донесе нова одлука. Доколку повторно има жалба или по донесувањето на одлуката, ние ќе постапиме соодветно – рече тој.

 

Во однос на укинувањето на решението за суспензија, појасни дека согласно него, обвинителот се враќа на работа.

 

– Причините за оваа одлука се самиот факт дека во решението имаше многу пропусти. Со тоа се создава основа јавниот обвинител да се врати на работа. Како Совет го констатиравме тоа и затоа одлучивме суспензијата да се укине. Со оваа одлука обвинителот се враќа на својата функција – рече Бесими за обвинителот Цветановски.

 

Јован Цветановски беше јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје. Тој стана познат поради неговата улога во предметот за бонусите исплатени во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Цветановски беше суспендиран, а причината беше неговата одлука во врска со тој предмет. Тој тврдеше дека суспензијата е резултат на притисоци и обид за дискредитација, бидејќи одбил да донесе „незаконска одлука“ за бонусите. Во јавноста излезе со изјави дека врз него се вршени притисоци од други обвинители и дека суспензијата е дел од политички мотивирана хајка.

 

Во рамки на седницата беше разгледан и дисциплинскиот предмет за поранешниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи за кој Советот констатираше дека тој претходно поднел барање за престанок на функцијата, па предметот против него беше прекинат.

 

Хајрулахи беше суспендиран откако Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинителен акт за пет кривични дела „малтретирање во вршење на службата“ и едно за „злоупотреба на службената положба и овластување“, базирано на наводи дека во периодот од септември 2023 до октомври 2024 година, тој користел хиерархиска надреденост за континуирано психичко насилство и закани врз пет вработени жени, при што наводно им се заканувал дека „ќе ги дигнел на клоци“ или „ќе ги фрлел од 6-ти кат“ и се обидувал да ги принуди да потпишат изјави дека биле изманипулирани.

Хајрулахи категорично ги отфрли сите обвинувања, тврдејќи дека случајот е тенденциозен и политички монтиран со цел негово отстранување, поврзувајќи ја постапката со неговото постапување во врска со бонусите на СЈО

Back to top button
Close