Оценската мисија на ЕУ никаде не препорача разрешување на Судскиот совет, вели Камбовски за реформите најавени од ВМРО-ДПМНЕ


Разрешување на Судскиот совет во целина е доста комплексно прашање, смета академик Владо Камбовски, според кого ваквата идеја, која во предизборието и програмски ја најави сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ, го покренува и прашањето дали може со обични закони да се разрешуваат уставни тела.

Камбовски, одговарајќи на новинарски прашања на оваа актуелна тема пред почетокот на денешната завршна конференција од проектот „За правда – Граѓанските организации за независно и ефикасно правосудство“, во овој контекст рече дека тоа, меѓу другото, ќе значи и мешање во судската власт, односно во автономното право на судиите да ги избираат своите членови.

„Значи затоа е доста комплексно тоа прашање, разрешување во целина на Судскиот совет, затоа што не е едноставно, бидејќи ако го разрешите Судскиот совет со закон големо прашање е тоа дали така може уставни тела да бидат разрешувани со обични закони во целина. Но, тука го имате и разнородниот состав (на Судскиот совет), тоа ќе значи во поголем дел мешање во судската власт, т.е. автономното право на судиите да ги избираат своите членови во Судскиот совет. Ако го разрешите целиот Судски совет не ја исклучувате можноста повторно тие судии да бидат избрани за членови на Судскиот совет, освен ако со законот не им се забрани да бидат повторно именувани во Судскиот совет, што е правно неиздржано“,изјави тој.

Кога се излегува со ваква идеја, треба да се има предвид структурата на Судскиот совет
Камбовски, кој раководеше со работната група на Министерството за правда за реформи во правосудството, во кои беше опфатен и Судскиот совет, смета дека фокусот за подобрување на состојбите во ова тело треба да биде ставен и да се движи во насока на решенијата во веќе изготвеното предлог-законско решение базирано на препораките содржани во извештајот на Оценската мисија на Европската Унија.

„Значи фокусот треба да се насочи сега во рамките на оние предложени решенија за зајакнување на одговорноста на членовите и процедурите кои се таму предвидени на обезбедување на објективизирани до крај постапки на избор на членови, транспарентност, одговорност и отчетност на работата на Судскиот совет, т.е. подигање на неговите капацитети. Законот обезбедува механизми како може не само самото Собрание, туку и други иницијатори на таа постапка да доведат до одговорност и разрешување на член на Судскиот совет. Тоа беше тело кое не одговараше пред никого и де факто, и тие процедури на покренување на постапки и иницијативи за утврдување на одговорност и разрешување не беа законски добро уредени. По мое мислење затоа треба да се оди по тој пат, да не се избрзува со некои такви решенија. Се сеќавате дека на почетокот на онаа претходна влада имаше најава дека ќе дојде до генерален реизбор на сите судии. Лесно е да ги разрешите сите, но проблемот е како, каде и на кој начин ќе ги изберете оние што треба да бидат на тие места“,вели академик Камбовски.

Според него, кога се излегува со идеја за разрешување на целиот Судски совет, треба да се има предвид дека ова тело го сочинуваат две структури, односно тој е составен така што во него доминантни, според бројот, се членовите избрани од редот на самите судии и на тој начин, вели Камбовски, е даден поширок простор за активност на тоа тело во насока на заштита на независноста и самостојноста на судството.

За потсетување, според актуелното законско решение, Судскиот совет брои 15 члена, од кои 13 се со право на гласа. Од нив судиите избираат осум члена на непосредни избори, петорица ги избира Собранието од кои тројца на предлог на законодавниот дом, а двајца на предлог на претседателот на државата. Членови по функција и без право на глас се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда.

„Значи, самите судии кои се во мнозинство треба во прв ред да се загрижени или заинтересирани или обврзани да ја заштитуваат својата сопствена независност, непристрасност и самостојност. И од друга страна состав од пет члена кои овозможуваат сепак да не дојде до некоја авторитарна позиција на самите судии во однос на целиот судски систем, туку да се овозможи и извршната власт, тоа е претседателот како дел од извршната власт, односно Собранието да имаат допир, увид, а и на некој начин согледби кои се неопходни за постапување на извршната власт и Собранието во поддршка на независноста и самостојноста на судството. Затоа е тој така компониран“,објаснува Камбовски.

Но, исто така, додава тој, треба да се најде механизам кој ќе оневозможи преку овие членови на Судскиот совет што ги избира Собранието „да дојде до активни, живи, непосредни политички или партиски влијанија врз работата на судовите“.

Решенијата во новиот закон во сè се поклопуваат со сугестиите на Оценската мисија
Инаку, Камбовски одговарајќи на новинарските прашања на почетокот потсети дека уште во октомври, минатата година, по Оценеската мисија на ЕУ беше формирана широка работна група за измени во постојниот закон за Судскиот совет или донесување на нов закон за ова тело врз основа на препораките на Оценската мисија кои дел се однесуваа на измени на законот, а дел на неопходни уставни промени кои треба да ја зајакнат улогата на Судскиот совет како независно тело кое треба да ја гарантира самостојноста и независноста на судството.

„Таа работна група доста интензивно работеше во сите овие месеци и пред повеќе од месец и пол-два ја заврши својата работа и подготви една нова верзија, еден нов закон за Судскиот совет. И во тој нов закон се фокусирани, извлечени оние прашања на кои се однесуваат точка по точка препораките на Оценската мисија. Тие главно се однесуваа и на актуелните прашања околу одговорноста на членовите на Судскиот совет и постапките за нивна одговорност, дисциплинска одговорност или постапка на разрешување. Потоа се однесуваа на изборот на членовите на Судскиот совет и тоа помалку во однос на изборот од редот на судиите, а повеќе од редот на членовите што ги избира Собранието или по предлог на претседателот на државата“,изјави Камбовски.
Според него, предложените решенија во новиот закон во сè се поклопуваат со изнесените сугестии од страна на Оценската мисија.

„Да речеме во однос на изборот на членовите од страна на Собранието се предлага почитување на уставната одредба според која во Судскиот совет оние пет члена треба да се избираат од редот на универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници, што не е случај со постојниот судски совет. И второ да се избираат во постапка која е аналогна, соодветна на постапката на избор на членови на Антикорупциската комисија што исто така денеска не е случај“,појасни тој.

Во препораките на Оценската мисија, вели тој, имало критички забелешки за работата на постојниот Судски совет, но никаде немало мислење дека тој треба да се разреши.

„Во тие препораки беа содржани се разбира критички забелешки за работата на постојниот Судски совет кои се познати, но не беше содржано никакво децидирано изразено мислење дека тој Судски совет треба да се разреши, дека постојниот Судски совет треба да се разреши“,изјави Камбовски.
Инаку, ова прашање се актуализира во јавноста откако доскорешниот министер за правда Кренар Лога, пред да замине од функцијата поради изборот на новата влада, отвори јавна полемика со тогашниот мандатар сега премиер Христијан Мицкоски чија партија уште во предизборието најави распуштање на Судскиот и на Советот на јавни обвинители и реформа на овие две тела, кои се задолжени за избор, оценување и разрешување на судии, односно обвинители.

Лога беше дециден дека лекот за Судскиот совет е во имплементацијата на препораките на Оценската мисија на ЕУ и дека тие понатаму треба да се пресликаат и за Советот на јавни oбвинители.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ уште за време на изборната кампања најави дека доколку дојде на власт по изборите, меѓу другото, ќе ги распушти Судскиот совет и Советот на јавни обвинители поради потребата од длабоки реформи во правосудниот систем и во државната администрација.

(

Тогаш, „360 степени“ побара подетално образложение од партијата. Во интервју за „360 степени“, меѓународниот секретар и дополнителен заменик-министер за информатичко општество во техничката влада, Стефан Андоновски, објасни дека тие планираат разрешување само на дел од членовите избрани од страна на Собранието.

Но, само неколку недели подоцна, во интервју за „360 степени“ лидерот на партијата, Христијан Мицкоски сподели поинаков став. Не само што најави дека ќе го распушти Судскиот совет, туку и сите 13 члена со право на глас во Судскиот совет ќе си избираат самите судии.

Back to top button
Close