Од 19 до 26 август 11. „Македокс“, земја во фокус – Холандија

Под мотото „Слеј се со тишината“ од 19 до 26 август годинава ќе се одржува единаесеттото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Оваа година фестивалот ќе има хибридно издание, односно ќе има фестивал во живо, но и онлајн, кој ќе може да го проследи публиката од цела држава. Од 19 август проекциите што ќе бидат во живо, ќе почнат да се емитуваат и онлајн, на онлајн платформата.

Поради пандемијата на Ковид-19, нема можност гостите да бидат во живо, сепак, голем дел од нив ќе присуствуваат на фестивалот виртуелно. Дискусиите „Под смоква“, мастер-класовите и работилниците исто така ќе одат онлајн. По проекциите на филмовите, ќе има вклучување во живо со авторите, а публиката ќе може да постави прашања.

Организаторите соопштија дека успеале да го организираат фестивалот „Македокс“ со целосната програма, замислена од 2019 година. Најавија дека нема да прават отстапки од претходно замислената програма, освен мерките и препораките за заштита на публиката.

Во фокус на фестивалот е дизајнот на звук, а плакатите за фестивалот ги изработија студентите од Природно-математичкиот фестивал во Скопје.

Главниот селектор на фестивалот Петра Селишкар на денешната прес-конференција ја претстави Главната програма и програмата на нови автори и рече дека има одлични филмови и додаде оти се врќаат автори кои досега имале еден или два филма на „Македокс“. Публиката во рамки на Главната програма ќе може да ги погледне филмовите „Епицентар“, „Испеј ми песна“, „Кога прашината ќе слегне“, „Колектив“, „Нашата временска машина“, „Само ѓаволот живее без надеж“, „Светиот татко“, „Спиењето на Макс Рихтер“, „Среќен Божиќ, Јиву“ и „Фатени во мрежа“. За главната награда „Зрел кромид“ ќе одлучува жири составено од директори на повеќе фестивали во светот.

Во рамки на Програмата за нови автори, има премиера на филмот „Професорот“ од македонскиот автор Јордан Дуков. Во оваа програма се и филмовите „Еуфоријата на постоењето“, „Вселенски кучиња“, „Зборувај за да те видам“, „Земјата е сина како портокал“, „Ме викаат Бабу“, „Мое тело“, „Нашиот дом“, „Ништо без семејството“ и „Тунел“.

Во рамки на кратката програма или кратките документарци, од „Македокс“ информираа дека годинава имале доста пријави од регинот, од Србија, Црна Гора, Словенија, Грција и дел од нив ќе бидат селектирани на годинашното издание на фестивалот. Ќе има две македонски премиери, на „Нејзиното семејство 2010-2019“ на Елизабета Конеска и „Сите ќе умреме“ на Сашко Потер Мицевски.  Во оваа програма се предвидени 15 крати наслови, од кои две се македонски премиери.

Во студентската програма или студентски документарци има селекирано 14 студентски кратки филмови и среднометражни од разни европски академии, но има филмови од Куба, Англија. Оваа година, за најмладите има детска програма која ќе оди онлајн на платформата на фестивалот. Детската програма  е подготвена заедно со уште три фестивали на документарни филмови од Исланд, Грузија и од Словенија.  Детската програма ќе биде комбинација од кратки документарни филмови и кратки анимирани филмови за деца и за млади. Има и некои долгометражни филмови посветени на младите над 14 години и на тинејџерите.

Земја во фокус годинава е Холандија поради тоа што покажува исклучително почитување кон документарното филмско творештво и дала голем број документарни филмови досега. Публиката ќе може да погледне шест квалитетни филмови од холандски режисери кои зборуваат за разни теми. На 20 август публиката ќе може да го погледне најновиот филм „Кога прашината ќе слегне“ на Џон Апл. По премиератана филмот, тој се согласил на 22 август да одржи мастер клас онлјан.

Во рамки на фестивалот, во тек е и работилницата за звук со Владимир Ракиќ од Србија, кој живее и работи во Холандија. Изразија благодарност за поддршката до Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Ќе има и две дебати, на 23 август за сексуално образование, и на 26 август дебата за тоа како се прави детска програма и што е во фокусот на децата и младите во филмот и документаристиката.

Единаесеттиот Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“ е коорганизиран во соработка со Кинотека и со МКЦ, а поддржан е од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Кралството Холандија, Чешка амбасада, Чешкиот културен ценатар од Софија и Град Скопје.

Проекции годинава ќе има само во Кинотека и во Младинскиот културен центар (МКЦ). Официјалното отворање на фестивалот ќе биде во Куршумли-ан, но без филм, само ќе бидат поканети гости за „да се слеат со тишината“, како што е мотото на фестувалот.

Прес-конференција на Фестивалот ,,Македокс”

Posted by MИА.mk on Петок, 14 август 2020

Back to top button
Close