Од 19 пратеници на „Европскиот фронт“ само десет се на ДУИ

Коалицијата „Европски фронт“ предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ) обезбеди вкупно 19 мандати во идниот парламентарен состав. Ова го покажува симулацијата објавена од Државната изборна комисија (ДИК) според 100 отсто обработени избирачи.

Фото: МИА

Коалицијата предводена од ДУИ, во која учествуваат уште осум политички субјекти, главно претставници на Албанците во Македонија, на вчерашните избори за пратеници освои 13,67 отсто од вкупниот број гласови. Во апсолутни бројки, за коалицијата гласале 137 561 граѓанин.

Но, прашањето што се наметнува е каква е распределбата на мандати по субјектите кои се дел од „Европскиот фронт“, односно колку од пратениците ќе ѝ припаднат на ДУИ, а колку на другите коалициски партнери?

За ДУИ се само 10 места во новиот парламентарен состав

Десет од вкупниот број пратеници кои ги освои „Европскиот фронт“ на вчерашните избори ќе ѝ припаднат на партијата на Али Ахмети. Останатите девет пратенички мандати, пак, се распоредени кај други партнери во „Европскиот фронт“, главно партии кои ги застапуваат интересите на Албанците во државата

Свои пратеници, во рамки на коалицијата во идниот парламентарен состав, ќе имаат и Алијанса за Албанците (АА), Демократската партија на Албанците (ДПА), Народно движење, Демократската партија на Турците и Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија.

Ова е јасно видливо од кандидатските листи за пратеници со кои „Европскиот фронт“ настапи на изборите и од податоците за освоени пратенички мандати во шесте изборни единици објавени од ДИК.

Поделба на мандатите на „Европскиот фронт“ по изборни единици

Во првата изборна единица коалицијата „Европски фронт“ освоила два пратенички мандата. Тоа значи дека во Собранието како пратеници ќе влезат првите двајца кандидати од пратеничката листа, или во конкретниот случај, Блерим Беџети и Илир Хасани – и двајцата кадри на ДУИ.

Во Изборната единица 2, коалицијата предводена од ДУИ освоила четири мандати. Но, сите нема да ѝ припаднат на партијата на Ахмети. Претставници во парламентот од редовите на интегративците во „двојката“ ќе бидат Садула Дураку и Дијана Тоска. Останатите двајца се Скендер Реџепи Зејд од Народно движење и Елми Азири од Алијанса за Албанците.

Од вчерашната прес-конференција на „Европскиот фронт“ во седиштето на ДУИ во Мала Речица / Фото: „360 степени“

„Тројката“ и „четворката“ се недобитни за коалицијата „Европски фронт“. Таму не освоила ниеден пратеник.

Во изборната единица 5, исто како и во „двојката“, коалицијата освоила четири пратенички мандати. Носител во оваа изборна единица е лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Покрај него, претставници во Собранието од оваа изборна единица се Муса Џафери, Арбана Пашоли и Исмаил Јахоски – сите од ДУИ.

Шестата изборна единица, која го опфаќа северозападниот регион од земјава, доминантно населен со албанско население, е најдобитен за коалицијата „Европски фронт“ – таму освоила девет пратеника.

Но, само тројца од нив се од ДУИ – партискиот лидер Али Ахмети, Талат Џафери и Рина Ајдари. Двајца пратеници во „шестката“ се од редовите на Алијанса за Албанците – Илире Даути и Илир Демири, а исто толку има и од ДПА – Мендух Тачи и Фатмире Исаки. По еден пратеник ќе им припадне на Демократската партија на Турците – Бејџан Илјаз и на Движењето на Турците во Македонија за правда и демократија – Сали Мурат (поранешен претседател на Уставниот суд).

Пад на ДУИ за три пратеника

Денес вицепремиерот Артан Груби прогласи убедлива победа на „Европскиот фронт“ на двојните избори и оцени оти коалицијата првпат во историјата е втора сила во државата.

„’Европскиот фронт’ има двојно мнозинство во Собранието. Али Ахмети повторно постигна голема победа и останува непоразен на политичката сцена во земјата“,напиша Груби во денешната објава на Фејсбук.

Од вчерашната прес-конференција на „Европскиот фронт“ во седиштето на ДУИ во Мала Речица / Фото: „360 степени“

Ако за споредба се земе бројот на мандати кои Демократската унија за интеграција ги има во пратеничкиот состав во заминување, партијата бележи пад по овие избори. Односно, пред изборите, ДУИ имаше 13 пратеници во Собранието. На изборите во 2020 година, всушност, освоија 15, но потоа се случи расколот со Изет Меџити и Мерита Коџаџику. За споредба, на вчерашните единаесетти парламентарни избори од осамостојувањето на државата, ДУИ освои десет пратеника. Тоа е пет помалку од изборите во 2020 година, односно три помалку од пратеничкиот состав непосредно пред изборите.

 

Back to top button
Close