Од 248 пријавени, до 19 часот гласале 242 болни или изнемоштени лица, соопшти ДИК

Од 248 пријавени, до 19 часот вечерва своето право на глас во четирите општини каде што ќе има повторување на локалните избори, гласале вкупно 242 болни или изнемоштени лица, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).

Во Центар Жупа гласале две лица, во Општина Маврово-Ростуше својот глас денеска го дале 66 болни или немоќни лица, во Врапчиште гласале 31 лице, а во Општина Гостивар 143 лица..

Покрај болните и изнемоштените, денеска гласаа и затворениците. Од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, до 19 часот вечерва своето право на глас го оствариле 45 затвореници.

Од ДИК информираат дека гласањето за овие категории на гласачи се одвивало непречено и без никакви проблеми и недоследности во текот на целиот ден. Секое гласачко ливче во посебен плик е додадено во гласачките кутии кои ќе се отворат по утрешното затворање на избирачките места во 19 часот. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите ќе се врши заедно со резултатите од утрешното гласање.

Изборите во Центар Жупа, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Гостивар се повторуваат поради недоволниот одѕив на гласачи во првиот круг од локалните избори што се одржа во октовмри минатата година. Според Изборниот законик, за изборите да се сметаат за успешни, на гласање треба да излезат најмалку една третина од гласачите или 33,33 отсто од гласачите кои се запишани во Избирачкиот список во конкретната општина.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close