Од декемвриска еуфорија до јануарска празнина, психолозите советуваат како да се надмине постпразничната тага
Додека декември е исполнет со дружења и очекувања, јануари за многумина носи сосема поинакво чувство – замор, празнина и пад на расположението. Оваа појава често се нарекува постпразнична депресија, но според психологот и психотерапевтот Сања Јовановска, станува збор за нешто поинакво.

– Терминот постпразнична депресија почесто се користи разговорно. Во суштина, станува збор за привремена психолошка реакција на наглиот премин од период исполнет со интензивни емоции, социјални контакти и очекувања кон вообичаениот ритам на живот и обврски – објаснува Јовановска.
За време на празниците секојдневието е променето. Луѓето почесто се гледаат со блиските, има повеќе слободно време, симболика, ритуали и моменти што носат возбуда и чувство на блискост.
– Кога тие пријатни стимули одеднаш ќе исчезнат, се јавува емоционален пад. Кај некои луѓе тоа се доживува како тага, празнина, намалена мотивација или изразен замор – вели таа.
Иако симптомите може да личат на депресивност, Јовановска нагласува дека во најголем број случаи не станува збор за клиничка депресија.
– Постпразничната тага најчесто трае од неколку дена до неколку недели и постепено се намалува со враќањето на секојдневните рутини. Тоа е адаптациска реакција на промената во ритамот на животот – нагласува Јовановска.
Клучот, според неа, лежи во контрастот. Празничниот период често носи нарушени рутини, подоцнежно легнување, пообилна исхрана и намалена физичка активност.
– Кога одеднаш треба повторно да се воспостави структура, рано станување, обврски, одговорности, телото и психата имаат потреба од време за повторно присособување – објаснува Јовановска.
За некои празниците не се само период на радост, туку и време кога загубите стануваат понагласени.
Луѓето што во изминатата година доживеале смрт на близок, развод или сериозни нарушувања во односите, често чувствуваат засилена тага токму во празничниот период. Кога тој ќе заврши, емоционалната празнина може да стане уште поизразена – вели Јовановска.
Дополнително, зимскиот период со пократки денови и намалена изложеност на дневна светлина природно влијае врз расположението. Биолошките фактори и психолошките очекувања се поклопуваат во ист период, што го прави овој дел од годината емоционално почувствителен. Современата култура, според психологот, создава дополнителен товар преку нереални очекувања.
– Новата година симболично се доживува како нов почеток, момент кога сè треба да тргне на подобро. Но, календарската промена сама по себе не носи автоматска трансформација. Кога луѓето очекуваат волшебна промена, а реалноста останува иста, се јавува разочараност и чувство на личен неуспех – вели Јовановска
Социјалните мрежи дополнително ја продлабочуваат оваа појава и затоа е важно да се редуцираат изложеноста, споредувањето, чуството дека не сме доволно добри. Оваа состојба најчесто се манифестира како намалено расположение, замор, тешкотии со концентрацијата и нарушен сон.
– Луѓето често велат дека им треба повеќе време да се вклучат во работниот ритам, дека се почувствителни, раздразливи или дека немаат енергија за социјални контакти како порано – објаснува Јовановска.
Овие промени може да се одразат и на односите со блиските. Таа советува емоционалната испцпеност да се препознае како како минлива состојба.
– Во ред е понекогаш да не се чувствуваме добро. Промените не доаѓаат со датум, туку со постепени избори, грижа за себе и поддршка од околината – вели Јовановска.
Важно е враќањето во рутината да биде со мали чекори, а со тоа ќе се врати и емоционалната рамнотежа.






