Од март три директни лета неделно Скопје – Дубаи

Авиокомпанијата „Флајдубаи“ од март 2027 година ќе воспостави директна авиолинија меѓу Дубаи и Скопје, со три лета неделно. Договорот е потврден на средбата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски со главниот комерцијален директор на авиокомпанијата, Хамад Обаидала, во Обединетите Арапски Емирати.

Средбата се одржала во рамките на работната посета на Муцунски на ОАЕ, а во фокусот биле можностите што ги отвора директното авиоповрзување за економската и трговската соработка меѓу двете земји.

Според информациите од Министерството за надворешни работи, новата линија треба да придонесе за зголемување на туристичките посети, привлекување инвестиции и унапредување на деловните контакти.

Муцунски оцени дека договорот е резултат на активната економска дипломатија и напорите за подобрување на меѓународната поврзаност на Македонија.

На средбата била истакната и улогата на македонската амбасада во Обединетите Арапски Емирати, која во изминатиот период работела на воспоставување на директната авионска врска.

Враќањето на „Флајдубаи“ на скопскиот аеродром претходно го најави и министерот за транспорт Александар Николоски, кој во септември изјави дека е постигнат договор летовите да започнат со летниот авионски распоред во март 2027 година.

„Флајдубаи“ претходно леташе меѓу Дубаи и Скопје од октомври 2012 до март 2020 година, кога линијата беше прекината поради пандемијата. Во следните години неколкупати беше најавувано нејзиното обновување, но летовите не започнаа.

Авиокомпанијата беше избрана и за државна финансиска поддршка за обновување на линијата во 2025 година, но и тој план не беше реализиран.

Со најновата најава се предвидува поголема фреквенција од претходната линија, која првично сообраќаше двапати неделно.

Back to top button
Close