Од страв скокнале од височина – Над 150 луѓе повредени во земјотресот во Истанбул

Серија земјотреси денеска ја потресе областа на Истанбул, а најсилниот беше со јачина од 6,2 степени според Рихтер, со епицентар во Мраморното Море, западно од Босфорот. Земјотресот се почувствува и во Анкара и околните провинции.

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека сите надлежни институции се во состојба на готовност и дека засега нема извештаи за сериозни штети. „Многу внимателно го следиме процесот. Засега изгледа дека нема поголеми проблеми“, изјави тој.

Без сериозни оштетувања, но страв меѓу граѓаните

Повеќе од 150 лица се хоспитализирани со повреди здобиени при обид да избегаат од згради за време на силниот земјотрес што го погоди Истанбул. Според соопштението од канцеларијата на гувернерот на Истанбул, повредените главно скокале од височина поради паника, но се наоѓаат вон животна опасност и нивниот третман е во тек.

 

Земјотресот, со јачина од 6,2 степени, бил со епицентар во Мраморното Море, околу 40 километри југозападно од Истанбул, на длабочина од само 10 километри, соопшти Геолошкиот институт на САД. Се почувствувал и во соседните провинции Текирдаг, Јалова, Бурса, Баликесир, како и во Измир, кој се наоѓа на 550 километри јужно од Истанбул. По првиот потрес, следеле неколку афтершокови, вклучувајќи еден со јачина од 5,3 степени.

 

Паника за време на државен празник

Земјотресот се случил во 12:49 часот, во време кога многу деца не беа на училиште поради државниот празник – Денот на националниот суверенитет и Денот на детето – што дополнително го зголеми бројот на луѓе на улиците. Потресот предизвика масовна паника, а жителите масовно излегуваа од своите домови, бегајќи на отворено.

 

Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби апелираше до граѓаните да се држат подалеку од зградите, поради ризик од дополнителни потреси.

 

Според локалните власти, во најпогодениот округ Силиври, нема срушени објекти, а ситуацијата се следи со внимание. Министерството за транспорт соопшти дека првичните инспекции не покажале оштетувања на автопатите, железничките линии, аеродромите и метрото.

 

Граѓаните во Истанбул сведочеа дека зградите се треселе, по што во паника излегле на улиците. Снимки од надзорни камери покажуваат како луѓето бегаат од локали и ресторани во моментот на потресот.

 

Страв од голем „мегаземјотрес“

 

Турските власти со години предупредуваат на опасност од голем земјотрес во Истанбул, кој би можел да има јачина над 7 степени и потенцијално да предизвика разорен цунами. Поради тоа, на неколку локации во градот се поставени знаци за евакуација во случај на цунами, особено во крајбрежните области како Бујукчекмече и Фанари.

 

Професорот по геодинамика Ефтимиос Лекас, претседател на грчката организација за заштита од земјотреси, веќе има предупредено дека е прашање на време кога ќе се случи голем земјотрес во Истанбул. Според него, единствениот дел од Северноанадолскиот расед кој сѐ уште не „попуштил“ е токму оној што се наоѓа под морето, јужно од Истанбул.

 

„Тоа не е нова пукнатина, туку дел од голема тектоничка структура долга 1300 километри, која се протега од Каспиското до Егејското Море“, вели Лекас, додавајќи дека истите предупредувања ги даваат и други меѓународни експерти.

Ризици поради стара градба

Дополнителна загриженост предизвикува и фактот што една третина од објектите во Истанбул се стари и не се градени според антисеизмички стандарди, што значително го зголемува ризикот во случај на посилен потрес.

Back to top button
Close