Од Железници ја демантираат вчерашната пресконференција на Министерството за транспорт и врски

ЈП ЖРСМ Инфраструктура ги демантираше вчерашните наоди на Александар Николоски, новиот министер за транспорт и врски во врска со цената за пругата до Бугарија и наводите дека проектот води во тунел. Во продолжение го пренесуваме демантот на јавното претпријатие:

„ЈП ЖРСМ Инфраструктура во целост ги демантира изнесените наоди во текот на вчерашната прес конференција на Министерот за транспорт и истите претставуваат манипулација на јавноста или непознавање на проблематиката.

Во однос на невистинитата спектакуларна констатација за цена по километар пруга, би сакале да појасниме дека наведениот износ не е проценка, туку финансиска конструкција на проектот.

Финансиската конструкција не се однесува само на цена по километар пруга, туку на пет компоненти од проектот и тоа: техничка помош, надзорен инженер, градежни работи, сигнализација и телекомуникации, како и електрификација на В9км пруга од Куманово до граница со Р. Бугарија.

Проценетата вредност на проектот за изградба на новата железничка делница од Крива Паланка до граница со Република Бугарија е изработена од страна на еминентни меѓународни консултантски компании ангажирани преку грантовски механизми поддржани од нашите меѓународни стратешки партнери, а не од ЈП ЖРСМ Инфраструктура.

Финансиската конструкција утврдена од меѓународните консултанти за овој проект е составена од најголемиот МИВТЕ грант во историјата на нашата држава во износ од 155,5 милиони евра, РА грант од 60,765 милиони евра и заеми од ЕИБ и ЕБОР кои се донесени во Собранието на Република Северна Македонија и успешно изгласани на 11.12.2023 година од страна на 90 пратеници, без против и воздржани гласови.

Дополнително, би сакале да потенцираме дека горенаведениот проект ќе биде имплементиран од страна на ИПА оперативната структура во кое Министерство за финансии – Секторот за централно финансирање и склучување договори (ЦФЦД) ги има обврските на „договорен орган”, Министерството за транспорт и врски е „корисник“, а Јавното претпријатие за железничка инфраструктура е „краен корисник”. Улогите и одговорностите на трите институции се регулирани со Оперативен договор за секторската оперативна програма за транспорт 2014-2020 година, според кој ЦФЦД ја има одговорноста за спроведување на тендерските постапки, склучување на договори и вршење на исплати за активности финансирани од ИПА програмата. Во овој случај, Јавното претпријатие за железничка инфраструктура како „краен корисник“ ги презема и ги извршува навремено сите обврски кон дадениот проект само од технички аспект за кои е надлежно според Оперативниот договор.

Исто така, во однос на рушењето на 16 куќи и раселување на жителите на Крива Паланка, би сакале да потенцираме дека јавната расправа успешно е завршена во текот на 2025 година, а соодветната документација е одобрена и достапна на веб-страната на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.

Јавното претпријатие работи врз основа на важечките закони и прописи, заедно со сите инволвирани државни институции, меѓународните кредитори и Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Стоиме на располагање на целокупната јавност и надлежните институции за дополнителни појаснувања и увид во релевантната достапна документација, со што ќе се потврди законитоста во работењето на ЈП ЖРСМ Инфраструктура.

Има светло на крај од секој тунел што е изграден од ЈП ЖРСМ Инфраструктура !!!“

Со почит,

м-р Зоран Трифуновски

Директор на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје

 

Back to top button
Close