Одбраната на Максути и Селами смета дека Обвинението за „Пулс“ е неосновано, недозволена пиротехника и незаконска работа – вистинските причини за трагедијата
На денешното рочиште за трагедијата со пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани, одбраната на обвинетите поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Беким Максути и Џеват Селами се спротивстави на обвинителниот акт. Бранителот Еленко Миланов истакна дека обвинението против Беким Максути е неосновано и дека неговиот клиент не може да се доведе во причинско-последична врска со настанот, додека адвокатот Јасмин Калач нагласи дека постапката против Џеват Селами се темели на нецелосни и погрешно утврдени факти. Двајцата адвокати пред судот посочија дека вистинските виновници за пожарот не се опфатени со обвинението и дека нивните клиенти немаат законски надлежности ниту фактичка моќ да влијаат врз трагичниот исход.

Адвокатот Еленко Миланов ја образложи својата одбрана за директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Беким Максути. Миланов пред судот истакна дека обвинението е неосновано и дека неговиот клиент не може да се доведе во причинско-последична врска со трагедијата.
Тој посочи дека вистинските виновници за пожарот не се опфатени со обвинението:
-Вистината во ова обвинение е дека за тој што го предизвика пожарот немате обвинение… тоа е непромислено однесување, според обвинението, на две лица, од изведувачот на таа вечер, но за начинот на изведување и за употребата на средства знаеше целата група, рече тој.
Миланов нагласи дека трагедијата е последица на недозволена употреба на пиротехнички средства во затворен простор:
-Ќе докажеме дека непормисленост, недозволеност на употреба на пиротехнички средства во затворен простор е причина за пожарот… нивната непромисленост ја платија на најгрубиот можен начин, со губење на своите животи. Но, ќе докажеме дека тие со себе повлекоа и повеќе од 50 недолжни лица кои исто така го изгубија животот, како и безмалку 200 лица кои се здобија со повреди.“
Од правен аспект, адвокатот потенцираше дека членот 288 став 2 од Кривичниот законик не може да се примени врз службено лице:
-Нема никакви елементи на дејствија на сторување ниту пак елементи на причинско-последична врска од неговата функција директор на ДЗС во одреден период, рече Миланов.
Миланов потсети дека од 2009 година во Кочани нема инспектор на ДЗС, но тоа, според него, нема никаква врска со пожарот. Дополнително, тој истакна дека до ДЗС никогаш не била доставена проектна документација за објектот „Кабаре Пулс“.
-Она што е обврска на дирекцијата, а посебно на директорот, е да постои годишен план кој треба да се достави до инспекцискиот совет. Ќе ви докажеме дека директорот ниту го изготвува, ниту го одобрува. Инспекцискиот совет овие планови ги има прифатено во периодот додека е директор Беким Максути, рчее тој.
Во однос на тезата на обвинителството за системски пропусти, Миланов беше дециден дека Максути е само извршител на системот.
-Теорија на случај која се обидува да ја докаже обвинителството е системски пропусти на институции и државни службеници, но кој е системот? Јас, вие господо судечки совет и овде присутните државни службеници сме извршители на законите кои ги донесува системот. За Беким Максути не можеме да зборуваме дека тој како извршител е системот, посочи Миланов.
На крај, адвокатот заклучи дека нема ниту еден факт кој го поврзува Максути со трагедијата.
-Каузалитет за ова што се случи како трагедија девет месеци по престанувањето на функцијата на Беким Максути нема. Нема каков било придонес за оваа трагедија за да може да опстојува во ова обвинение, нагласи тој.
Беким Максути, пак, не даде дополнителни коментари и се согласи со воведниот збор на својот бранител.
Адвокатот Јасмин Калач, бранител на обвинетиот Џеват Селами, ја критикуваше обвинителната постапка, тврдејќи дека таа се темели на нецелосни и погрешно утврдени факти.
-Обвинението е со ецелосно и погрешно утврдени факти, суштински повреди на кривичниот закон и не обезбедува доволно докази кои би ја оправдале основаноста на сомневањето дека обвинетиот Селами го сторил кривичното дело што му се става на товар, изјави Калач.
Тој нагласи дека обвинителниот акт не содржи конкретни дејствија или умисла.
Според одбраната, Селами воопшто не бил на местото на настанот и немал законски надлежности да постапи.
-Не постои ниту еден релевантен доказ кој го поврзува обвинетиот со кривично-правниот настан бидејќи тој воопшто не бил на местото на настанот ниту пак има законски надлежности врз основа на кои би требало да постапи кобната вечер, рече тој.
Калач истакна дека обвинетиот е товарен за последици врз кои немал никаква моќ и ја посочи нелегалната пиротехника и недозволената работа како вистински причини за трагедијата.
Во однос на кадровските ресурси, Калач нагласи дека ДЗС располагал со премал број инспектори и додаде дека Селами веднаш по стапувањето во функција презел мерки за нови вработувања.
Калач го оспори и квалитетот на доказите и апелираше до судот „Ова е историски процес, не дозволувајте одговорноста за неуспехот на целиот државен апарат да се сведе на овој човек.“
Селами се согласи со воведниот збор на неговиот бранител без дополнителни коментари.
Бранителот на генералниот инспектор во ДЗС – Љупчо Грнчиштанов, адвокат Дончо Наков, во воведен збор укажа дека пред Судот во текот на постапката ќе докажат преку законските одредби и прописи дека обвинетиот Грнчиштанов ги презел сите мерки и активности од оперативен, нормативен, организационен, надзорен и технички карактер на кои бил обврзан со закон во рамките на неговите, а не во рамките на туѓо постапување.
-Ќе докажеме дека истиот не сторил дејствија на пропуштање со кои преку теоријата на верижна одговорност би бил наводен сторител како соизвршител на ова дело. Ќе докажеме дека не го сторил делото, изјави Наков.
Љупчо Грнчиштанов, само се приклучи кон воведниот говор на неговиот бранител, а на семејствата на загинатите им изрази сочувство, а на повредените побрзо закрепнување.
Претходно, одбраната на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски, оцени дека обвинението е правно погрешно и без факти кои го поврзуваат со трагичниот пожар. Неговата бранителка, адвокатката Сузана Јошевска предупреди дека постапката се темели на „попис претворен во обвинителен акт“ и дека „ниту еден системски пропуст не создава индивидуална кривична одговорност“. Џаферовски лично порача дека „совеста му е апсолутно чиста“ и дека верува во „чесноста на правдата и праведноста на судот“.
Додека, Шабан Салиу, исто така, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (2008–2017), во својот воведен говор пред судот истакна дека во периодот од 2012 до 2017 година до институцијата никогаш не биле доставени документи, барања или пријави поврзани со објектот. Тој ја обвини обвинителството за мешање на надлежности и одговорности, нагласувајќи дека е очигледно отсуството на негова вина и законска надлежност во врска со трагичниот настан.
Обвинителството ги товари директорите на Дирекцијата за заштита и спасување за периодот од 2012 до 10 март 2025 година дека, иако биле свесни за можноста од штетни последици, не презеле мерки за заштита на животите и имотот од пожари. Според обвинението, тие не постапиле по законските обврски предвидени во член 68 и член 139 од Законот за заштита и спасување, ниту спровеле надзор врз прописите и правилниците за противпожарна заштита. Дополнително, директорите не донеле одлука за распоредување инспектор во Општина Кочани, која од 2012 година останала без инспектор, а обвинетиот Љупчо Грнчиштанов не ја координирал работата на инспекциската служба согласно член 31 од Законот за инспекциски надзор. Во годишните планови до 2020 година не било предвидено спроведување инспекциски надзор над објекти во Кочани, што обвинителството го смета за клучен пропуст.
Преостанува воведен збор да дадат и одбраната на поранешните министри Ваљон Сараќини и Крешник Бектеши, како и претставници од Министерството за економија меѓу кои Џеваир Камбери, Шефкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Касапи и Размена Чекиќ Дуровиќ.
Воведен збор треба да дадат и пазарните инспектори Миле Ампов, Блашка Евтимова, Весна Кузмановска и Емил Митев, а преостанува и воведниот збор на обвинетиот Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ чија постапка беше споена со оваа непосредно пред почетокот на судењето.
Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.
На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.






