Одбраната на Сараќини тврди дека лиценцата од 2012 била за друг објект, а не за „Пулс
„Министерството за економија во 2012 година не издало лиценца за објектот за кој денеска зборуваме. Издадена е лиценца за локација на ул. ’Димитар Влахов ББ‘, што е сосема различна од објектот каде се случи трагедијата во 2025 година (ул. ’Крижевска‘).“

Со ова тврдење, адвокатот Даниел Георгијевски, бранител на поранешниот министер за економија Ваљон Сараќини, се обиде да ја урне тезата на Обвинителството дека неговиот клиент е виновен за пожарот, пренесе 4news.
Одбраната праша дали е логично министер, чиј мандат завршил во 2014 година и кој потпишал лиценца со важност од само една година, да одговара за настан во 2025 година.
„Дали требало 13 години потоа да застане пред врата и да забрани влез на 600 луѓе и да спречи вметнување на пиротехника? За каков каузалитет зборуваме кога во време на трагедијата објектот воопшто немал активна и важечка лиценца?“ праша адвокатот.
Ѓорѓиев посочи и на двојни аршини: „Двајца министри во периодот од 2014 до 2017 година постапиле на ист начин како и министерот во 2012 година, а не се опфатени во обвинението. Дали тоа значи дека ист закон важел за различни министри?“
ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ ВАЉОН САРАЌИНИ?
(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)
Ваљон Сараќини (44), министер за економија од 2012 до 2014 година, се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.
Обвинителството тврди дека адресата на лиценцата не е случајна грешка, туку намерен пропуст:
Игнорирање на фактичката состојба: Сараќини потпишал лиценца за објект на ул. „Димитар Влахов бб“ (каде било седиштето на фирмата), иако знаел или требало да знае дека дискотеката всушност се наоѓа на ул. „Штипски пат“ (подоцна Крижевска) .
Непочитување на одбиено решение: Само две недели пред да ја потпише лиценцата, истото Министерство одбило барање за истата дискотека поради неисполнување на условите, но потоа наеднаш издало дозвола .
Лиценцирање на небезбеден објект: Дозволил работа на „кабаре“ во објект кој според урбанистичкиот план е индустриска зона, без да иницира вонреден надзор






