Одлична вест за Клиперс: Ленард се враќа на почетокот на 2025 година
Враќањето на Каваи Ленард (33) се чини дека е се поблиску откако кошаркарот на Л.А. Клиперс мина неколку месеци настрана поради повреда на десното колено.
Двократниот НБА шампион оваа сезона допрва треба да стапне на паркетот, но тоа наскоро би можело да се промени. Поради повредата на коленото со која се здоби на крајот од минатата сезона, Каваи Ленард ја прескокна Олимпијадата во Париз. Подоцна тој беше опериран, па мораше да паузира извесно време, но сега е подготвен да се врати во полна сила и да му помогне на тимот.
Како што пренесуваат американските медиуми, Клиперси заминале на турнеја без Ленард, кој се уште не е подготвен да се врати во натпреварувачкиот ритам. Но, без разлика, Каваи почнал да тренира. Со развојниот тим, тој собира минути на паркетот. Тој нема проблеми со контактната игра, која особено ги радува навивачите, а на теренот треба да се врати на 5 јануари за мечот против Хокс.
Да потсетиме, без него Клиперси играат многу добро оваа сезона. Во досегашниот дел од првенството имаат 18 победи и 13 порази. Тие го заземаат петтото место на Западот и нема дилема дека со враќањето на Каваи повторно ќе целат на врвот на Конференцијата.
Минатата сезона Каваи имаше просек од 23,7 поени, 6,1 скока и 3,6 асистенции по натпревар.