Одложени за идниот април вонредните избори во Косово

 Косовската претседателка, Вјоса Османи објави дека одлучила вонредните градоначалнички избори во четирите општини со мнозинско српско население во северно Косово да се одложат за април идната година, јави дописникот на МИА од Приштина.

По вчерашната средба со претставниците на најголемите парламентарни партии, Османи изјави дека изборите, кои требаше да се одржат на 18-ти овој месец, се одлагаат поради нивото на ризик од инциденти.

Во краткото обраќање пред медиумите, Османи рече дека одлуката е донесена по добивањето на заедничкиот извештај на Полицијата и Агенцијата за разузнавање во врска со безбедносната ситуација во северниот дел од државата, каде што претходните денови имаше неколку инциденти, во кои, меѓу другото, беа фрлани гранати во општинските изборни комисии, беше ранет полицаец и беше нападнато возило со новинари од медиум на албански јазик.

– Врз основа на развојот на настаните во последно време, сакам да ве информирам дека имав контакти и со институции на ЕУ и ми рекоа дека нема да учествуваат во надзорот на изборите поради краткиот временски рок. Врз основа на овие проценки беше предложено изборите да се одложат и одлучивме да ги одложиме до април идната година, изјави Османи.

Изборите во Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток требаше да се одржат откако градоначалниците и членовите на советите во тие општини поднесоа оставки поради најавата на властите во Приштина дека ќе ги казнуваат тие што нема да ги сменат регистерските таблички издадени од Србија со косовски таблички.

Одлагање на изборите побараа и западните сојузници на Косово, пред сé амбасадорот на САД во Приштина, Џефри Ховениер.

Back to top button
Close