Телма: Државата повторно ќе гарантира за кредит на ЕСМ од 60 милиони евра – утре ќе се знае новата цена на струјата


Државата повторно ќе биде гарант за задолжување на АД ЕСМ во износ од 60 милиони евра кај домашните банки. Одлуката, како што пренесува ТВ Телма, била донесена на денешната владина седница откако државните електрани побарале дополнителни средства поради зголемените цени на енергенсите на домашниот и на меѓународните пазари.

Покрај кредитот од 60 милиони евра, од ЕСМ претходно побарале и позајмица од седум милиони евра од „Државна лотарија“, со цел да ја подобрат својата ликвидност.

Премиерот Христијан Мицкоски во вчерашното гостување на телевизијата кажа дека ваквите процеси се вообичаена практика и дека ЕСМ ќе ги вратат позајмените средства во касата на „Лотарија“ до крајот на годината.

Во меѓувреме, Владата и надлежните институции ги подготвуваат пресметките за новата цена на електричната енергија за домаќинствата. Целта е таа да остане непроменета, но конечната цена ќе зависи од понудите за снабдување со струја.

Универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ утре ќе ги отвори понудите, по што ќе се знае по која цена ЕСМ ќе ја продаваат електричната енергија што треба да покрие 70 отсто од потребите на домаќинствата.

Претходно Мицкоски најави дека очекува цената да остане на сегашното ниво од 65 евра за мегават-час, но сè уште не е познато дали ќе има корекција.

Утре ќе биде познато и по која цена ќе бидат обезбедени преостанатите 30 отсто од потребната електрична енергија, како и дали ЕСМ ќе достават понуда и за овој дел од потрошувачката.

Согласно Реформската агенда, државните електрани имаат обврска да покриваат 70 отсто од потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, наместо досегашните 100 отсто.

За да ги обезбеди потребните количества електрична енергија, ЕСМ купиле повеќе од 70 илјади мегават-часа струја за околу 17 милиони евра. Набавената енергија треба да ги покрие потребите за околу 20 дена, а ќе биде обезбедена од осум трговци.

Новиот заем од 60 милиони евра ќе биде трет кредит што ЕСМ го зема од домашните банки од 2024 година, кога актуелното раководство ја презеде компанијата.

Претходно државните електрани се задолжиле со заем од 80 милиони евра и со дополнителни околу 60 милиони евра.

Претходно за Телма од ЕСМ изјавиле и дека компанијата се наоѓа во тешка финансиска состојба, но оти тоа не е причина за доцнењето на исплатата на вработените, кое било од неколку дена.

Back to top button
Close