Пресврт во потрагата по лавицата во Истанбул, властите тврдат дека на терен нема такво животно


Потрагата по лавица во предградие на Истанбул, која траеше 24 часа и предизвика паника меѓу локалното население доби неочекуван пресврт, откако турските официјални лица соопштија дека животното всушност не постои.

Гувернерот на Истанбул ангажираше тимови од експерти за заштита на животни, полиција и воени командоси во потрагата по лавицата, откако таа наводно била забележана.

Беа објавени дури и две видеоснимки од животното како талка низ луксузната населба Ускумрукој.

На жителите им беше советувано да останат во своите домови, а Белградската шума, со површина од 54 квадратни километри, северно од Истанбул, беше затворена за јавноста.

Меѓутоа, синоќа официјалните лица го променија првичниот став и соопштија дека анализирале нови снимки кои покажуваат оти животното „не е лав ниту која било друга голема мачка“.

„Подрачјето беше надгледувано од воздух со помош на дрон опремен со термални камери, како и од земја, каде што нашите екипи извршија пребарување. Беа поставени и мамки, како и камери со сензори за движење“, се наведува во соопштението на гувернерот.

„Теренската потрага не даде ниту еден конкретен доказ дека на тоа подрачје се наоѓа лав“, се додава во текстот.

Наглата промена на официјалниот став збуни многумина, кои се прашаа кое животно било видено, а за кое мислеле дека е лавица.

Некои претпоставија дека станува збор за големо куче, а други на социјалните мрежи објавуваа шеговити снимки од домашни мачки, со прашањето дали токму некоја од нив е наводната лавица.

Дури и по соопштението од канцеларијата на гувернерот, одредени медиуми објавија уште една снимка од животно кое излегува од грмушките, повикувајќи ги читателите самите да проценат дали би можело да станува збор за лав.

Back to top button
Close