Маѓар: Остварен значителен напредок во договорите со Украина за правата на унгарското малцинство

Унгарскиот премиер Петер Маѓар денеска изјави дека е остварен значителен напредок во разговорите со украинската страна за 10 прашања кои се однесуваат на јазичните, културните и образовните права на унгарското национално малцинство во Украина.
– За релативно кратко време, буквално за неколку недели, успеавме да постигнеме значајни договори со украинската страна за 10 прашања кои се однесуваат на јазичните, културните и образовните права на унгарското национално малцинство – рече Маѓар за време на заедничкото оддавање почит со украинскиот претседател Володимир Зеленски на загинатите украински војници во Ужгород, кои настрадаа во одбраната на земјата од руската агресија.
Тој му се заблагодари на Зеленски за можноста заедно да им оддадат почит на загинатите војници и потсети дека на истите гробишта бил и во 2024 година, кога ја посетил Украина како опозициски политичар, по рускиот напад врз детската болница „Охматдит“ во Киев.
Маѓар истакна дека при денешната посета забележал оти гробиштата во меѓувреме се уредени и дека добиле достоинствен изглед.
Унгарскиот премиер денеска допатува во украинската задкарпатска област во рамки на првата посета на Украина од стапувањето на функцијата претседател на владата. Во Ужгород тој заедно со Зеленски положи цвеќе на спомен-обележјето на загинатите украински бранители на Ридот на славата.






