Одложено гласањето за законот за правична застапеност, за Османи тоа е јасен знак кој го има Бадентеровото мнозинство

И денеска пропадна обидот предлог-законот за правична застапеност да биде ставен на гласање во Собранието откако не беше прифатено барањето на пратениците од опозициските партии на Албанците точката да биде ставена на дневен ред за изјаснување иако, според нив, постоел кворум.
Пратениците на опозициските партии на Албанците / Фото: Фејсбук
Откако со серија процедурални забелешки и дебати тие се обидоа да спречат расправа по другите точки од дневниот ред, потпретседателката на Собранието Весна Бендевска ја прекина расправата, која по дадената пауза не почна.
Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и поранешен министер за надворешни работи Бујар Османи вечерва на Фејсбук оцени дека денешната дебата во Собранието е јасен знак кој го има Бадентеровото мнозинство во Собранието.
Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и поранешен министер за надворешни работи Бујар Османи / Фото: Принтскрин
„Едно е јасно: кој има Бадентер, има легитимитет. Им честитам на пратениците на опозициските политички партии на Албанците. Докажаа кој има легитимитет, како и кој го попречува усвојувањето на еден од најантиалбанските закони предложени од која било влада во последните 25 години, односно законот за правична застапеност“,
напиша тој на Фејсбук.
Инаку овој закон е предвидено да се носи со мало Бадентерово мнозинство, односно, со мнозинство од присутните пратеници од немнозинските етнички заедници.
И Ахмети втор ден во Собранието
Во обид да го спречат донесувањето на законското решение, пратениците од опозициските партии на Албанците во полн состав присуствуваа на собраниската седница за да го зголемат бројот на пратеници потребни за обезбедување Бадентерово мнозинство и на тој начин да го оневозможат усвојувањето на законот.
На седницата втор ден по ред присуствува и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Пратениците на ДУИ жестоко реагираа дека власта сака шверцерски да го донесе законот и без образложение го одложува гласањето, иако се присутни пратениците од немнозинските заедници. Сметаат дека на овој начин се крши Деловникот и бараат законот веднаш да биде ставен на одлучување или јасно да се одреди денот и часот кога ќе се случи за сите пратеници да бидат тука.
Реагираа и на отсуството на претседателот на Собранието Африм Гаши.
„Зошто Гаши е отсутен токму денеска? Имаме закон што ги исполнува сите процедурални услови, но не се става на гласање“,
рече Дијана Тоска, пратеничка од ДУИ.
И координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, изрази загриженост поради отсуството на Гаши оценувајќи дека одложувањето на гласањето за законот за правична застапеност претставува кршење на Уставот и на Деловникот.
„Загрижени сме да не му се случило нешто. Одложувањето на гласањето за законот е газење на Уставот и Деловникот. Гаши вчера, кога виде дека нема Бадентерово мнозинство за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, го одложи гласањето иако имаше кворум. Истото го направи и со законот за правична застапеност велејќи дека за него ќе се гласа кога ќе се создадат услови. Сакате да го прошверцувате законот, односно албанската опозиција да излезе од салата и така да го донесете. Вие сами го предложивте законот, ајде да ви помогнеме, да излеземе од салата и да го донесете. Барам од претседавачот да ни бидат доставени стенограмите од вчерашната седница“,
рече таа.
Пратеникот Ријад Шаќири од Алијанса за Албанците обвини дека претседателот на Собранието Африм Гаши применува двојни аршини, посочувајќи дека претходно не го повлекол од дневен ред изборот на Иван Стоилковиќ за министер, а сега го одложил гласањето за законот за правична застапеност.
„Ние сме тука, има кворум, сите пратеници се подготвени да се произнесат за законот. Создадени се сите правни услови за негово гласање“,
кажа тој.
Потпретседателката на Собранието Весна Бендевска, повикувајќи се на член 170 од Деловникот, повтори дека претседателот на Собранието има право по завршување на расправата да го одложи изјаснувањето и дополнително да го стави законот на гласање.
Доколку има дилеми за примената на Деловникот, рече таа, тие може да се разгледуваат на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
„Членот 170 не се врзува со кворум, туку со апсолутно право на претседателот да го одложи и презакаже изјаснувањето по завршената расправа“,
кажа Бендевска.
Координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, повторно побара законот за правична застапеност да биде ставен на гласање и предупреди дека опозицијата повеќе нема да го толерира, како што рече, однесувањето на парламентарното мнозинство.
„Загрижени сме за Гаши, дали е добар со здравјето, нешто да не му се случило. По 13 јули ништо повеќе во Собранието нема да биде исто. Нема повеќе да ве толерираме и да ја толерираме вашата агенда. Не чекајте да го прошверцувате законот, бидејќи сте прочитани. Тргнете ги рацете од стратегиите што ги плетете, оти нема да ви успее. Ставете го законот на гласање“,
кажа таа.
Додека Рина Ајдари зборуваше за, како што рече, загриженоста за отсуството на претседателот на Собранието, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се смееше во салата.
Потпретседателката на Собранието Весна Бендевска возврати дека е пријатно изненадена од загриженоста на опозицијата за Гаши и рече дека ќе му ја пренесе пораката.
Посочи дека нема потреба да бидат загрижени оти се нема намера законот за правична застапеност да биде прошверцуван и дека сите пратеници навреме ќе бидат известени кога ќе биде закажано гласањето.
Пратеникот Елми Азири од Алијанса за Албанците оцени дека се исполнети сите услови законот да биде ставен на гласање.
„Не може закон кој произлегува од Рамковниот договор да го третирате како лист хартија. Вие ја водите седницата, определете ден и час кога ќе се гласа за законот“,
рече Азири.
Бендевска повтори дека законот не е повлечен од дневен ред, туку дека изјаснувањето е одложено согласно Деловникот. Таа додаде дека притисокот од опозицијата нема да ја промени нејзината одлука.
„Прашајте го Талат Џафери колку седници останале незатворени. Нема да ми извршите притисок. Вашето право на процедурални забелешки ќе го почитувам. Јасна е вашата намера и за мене и за целата јавност“,
кажа Бендевска.
Конкретен термин за гласање
Азири реплицира дека пратениците не се информирани дали оваа недела ќе се гласа за законот.
„Секој понеделник има координација на која се разговара за седниците што ќе се одржат во текот на неделата. Пратениците не се информирани дали неделава ќе се гласа за законот. Намерата е да се гази Деловникот. Има арбитрарни одлуки од тие што го водат Собранието. Владата сакаше да го помине законот, но немате Бадентерово мнозинство и не можете да го донесете“,вели тој.
Пратениците од опозицијата и натаму инсистираа да биде утврден конкретен термин за гласање на законот за правична застапеност и бараат да им бидат соопштени датумот и часот кога ќе се одржи изјаснувањето.






