Одреден 30-дневен притвор за Васил Јованов – возачот кој ја прегази Фросина Кулакова
Триесетдневен притвор му е одреден на 20-годишниот Васил Јованов кој во средата вечерта на булеварот „Партизански одреди“ удри со автомобил во 22-годишната Фросина Кулакова, која почина на самото место.
-Во однос на повеќе новинарски прашања поврзани со сообраќајната несреќа на булеварот „Партизански одреди“ во која едно лице го загуби животот, ја информираме јавноста дека Судија на претходна постапка во текот на вчерашниот ден, по произнесување на Јавниот обвинител и осомничениот В.Ј., го прифати предлогот и на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165. Ст.1. т.1, 2 и 3 односно Опасност од бегство, Попречување на истрагата со влијание врз сведоци и опасност да го повтори делото, информираа денеска од Основен кривичен суд Скопје.
Стотици граѓани денеска се собраа на местото каде што животот го загуби младата дизајнерка Кулакова и побараа правда и одговорност за нејзината смрт.
Дел од граѓаните дојдоа со транспаренти „Сите одиме кај ист судија, а таму има само една правда“, „Обвинители = соучесници убијци“, „Не е несреќа, туку убиство“, „Не е кобно местово, туку луѓето и системот“, „Без казна и вашите раце се крвави“…