Ѓоковиќ излезе од притвор и отиде на тренинг

Новак Ѓоковиќ продолжил да тренира набргу откако денеска беше пуштен од имиграцискиот притвор во Мелбурн, што уследи по одлуката на федералниот суд да му се врати визата за влез во Австралија, изјави неговиот брат Ѓорѓе на прес-конференцијата во Белград.

„Новак е слободен и пред малку тренираше на тениски терен. Тој дојде во Австралија за да игра тенис и да се обиде уште еднаш да го освои Австралија опен“, кажа Ѓорѓе Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ се огласи на Твитер за првпат откако во средата беше притворен по поништувањето на визата.

„И покрај сè што се случи, сакам да останам и да се натпреварувам на Австралија опен, Останувам фокусиран на тоа. Дојдов овдека да играм на еден од најважните настани за нас пред неверојатните фанови“, напиша тој.

Сепак, конечниот збор околу (не)останувањето на најдобриот светски тенисер во Австралија го има министерот за имиграција Алекс Хок, кој располага со исклучителни овластувања и дискреција да поништува визи од кои било причини. Од неговиот кабинет кажаа дека тој ја разгледува ситуацијата, но одлуката за евентуалната депортација нема да биде донесена денеска.

Back to top button
Close