Олаф Шолц посветено ќе работи за ЕУ, вели шефицата на Европската централна банка
– Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, рече дека е убедена дека новиот германски канцелар Олаф Шолц посветено ќе работи на зајакнување и интеграција на ЕУ.
Два и пол месеци по изборите во Германија, социјалдемократот Олаф Шолц денеска ја презеде должноста канцелар и го враќа на власт левичарскиот центар и дефинитивно ја затвора 16-годишната ера на Ангела Меркел, пренесува Бета.
„Уверена сум дека новата влада под негово раководство ќе продолжи посветено да работи на промовирање на европската интеграција“, особено за унапредување на Банкарската унија и пазарот на капитал, изјави Лагард за денешното издание на германскиот економски дневен весник „Ханделсблат“.
Французинката Лагард, која често се среќаваше со Шолц на европски и други меѓународни собири, рече дека е уверена дека Шолц ќе работи „мирно, детално и фокусирано“ како и конзервативната канцеларка Ангела Меркел.
Една од првите одлуки на новата влада предводена од Шолц ќе биде именување на нов претседател на германската Федерална банка, кој ќе го наследи Јенс Видман, кој поднесе оставка.
Видман, влијателен член на Бордот на гувернери на Европската централна банка како претставник на строгата монетарна политика, ја напушта функцијата многу порано пред истекот на неговиот мандат и во клучен момент за иднината на европската монетарна политика