Оле и Орце
1. Дента кога се ширеше паника во Скопје дека водата од градскиот водовод има бактерија ешерихија коли, ми се јавија неколкумина пријатели и познаници да ме прашаат дали водата во Скопје е безбедна. Божем, ние новинарите нешто знаеме, ама не објавуваме. Ми викаат, објавете. Што да објавиме? Не е вест дека водата за пиење е безбедна за пиење. Вест би било кога водата за пиење не би била безбедна за пиење. Ми викаат, значи ти веруваш дека е така? Што да им кажам?
А бе, сто посто е така, ама чисто се сомневам?

Како да им судиш на луѓето што пред неколку дена поверувале на гласините дека водата во скопскиот водовод е загадена? Ќе си речеш, не, тоа не е можно. А како пред месец дена било можно во Гостивар? Пет илјади луѓе се заразија. И наместо власта да си преземе одговорност за труењето на водата во Гостивар сега, во нејзиниот мандат, таа ја разгоре приказната обвинувајќи ја опозицијата дека гостиварци пиеле загадена вода со години и во времето на СДСМ. Дури и Обвинителството го повикаа да испитува каква била водата некогаш, пред седум-осум години.
Ако не веруваш на директор на Водовод, ако не веруваш на директорка на државна лабораторија, ако не веруваш на Институт за јавно здравје, ако не веруваш на Министерство за здравство, ако не веруваш на Агенција за храна, тогаш на кого да веруваш? На Оле од службите на Град Скопје, што му принесе чаша вода на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски? На градоначалникот што доаѓа од партија чие членство пред неколку години пиеше вода од Дојранско Езеро за да докаже дека е чисто? Да, тоа го правеше членството на таа партија откако во јуни 2016 Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесе забрана за капење на четири плажи во Дојран, по добиените анализи од Центарот за јавно здравје во Велес, според кои водата во езерото на овие четири плажи беше загадена и физичко-хемиски и со фекални бактерии и не беше безбедна за капење.
2. Луѓето се сомничави само затоа што власта одбива да преземе одговорност за работата за која го добила мандатот на избори. Луѓето очекуваат решенија сега, од оваа владејачка структура. Што си мисли власта? Дека ќе ги убедат граѓаните да им веруваат на институциите со кои таа раководи веќе две години, со тоа што ќе ја обвини опозицијата за ширење паника?
Еее, какво време дојде, ВМРО-ДПМНЕ да обвинува други за ботовски мрежи и ширење дезинформации.
Кога политичар не прифаќа одговорност за сѐ лошо што се случува за време на неговото владеење и за сѐ лошо му е крив некој друг, па уште и не прифаќа одговорност за јавно изречен збор на прес-конференции и во интервјуа, некако логично е дека и секоја будала може да напише на Фејсбук оти водата за пиење е загадена.
Па после, ќе се чудиме дека не помага ни Оле со чашата за да Орце ги убеди граѓаните дека водата од чешма е безбедна.
Kолумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука






