Џолев: Не сме тука да водиме војни, проблемите во судството се заеднички и трите власти треба заедно да ги решаваат
Проблемите што постојат во судството се заеднички за сите три власти – судската, извршната и законодавната и затоа тие треба и заедно да ги решаваат, смета претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, кој е и актуелен претседател на Здружението на судии на Република Северна Македонија.
Ваквиот став тој го кажа од Охрид, каде што денеска и утре се одржува осмата регионална конференција на тема „Унапредување на довербата и авторитетот на судската власт преку поголема независност и транспарентност“ во организација на Здружението на судии, а во соработка со Амбасадата на САД и институтот ЦЕЕЛИ во Прага, Чешка.
Прашан за коментар за најавените реформи и робусната акција во правосудството што ја најави премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на најголемиот суд во државата, според предметите кои се судат во него, рече дека судството е една од најреформираните области во земјава и оти како судии ќе продолжат во тој правец, бидејќи тоа е потребно за владеењето на правото и за правна држава.
„Не сме тука да водиме војни и мислам дека проблемите коишто постојат во судството се заеднички, и на судската, и на извршната, и на законодавната власт. Ќе повторам, заедно треба да ги решаваме и судството во тој правец размислува“,
изјави Џолев, во одговор на новинарски прашања по отворањето на конференцијата, пренесува МИА.
Во тој контекст, и во однос на пораката за сплотеност на судиите, Џолев рече дека заедништвото е тоа што дава сила и дека во иднина сите судии, судови и судски тела треба да работат заедно на решавање на проблемите.
„Сметам дека во иднина треба навистина да бидеме сплотени, без разлика на хиерархиската поставеност во судството. Сите заедно. Врховниот суд, Судскиот совет, Здружението на судии, судиите генерално треба да се држиме повеќе заедно и да работиме заедно да ги детектираме проблемите и да ги решаваме“,
изјави Џолев.
Според него, за да се изгради поинаква перцепција за судството, нему му е потреба помош и од извршната и од законодавната власт.
Во однос на рејтингот на судството, претседателот на Основниот кривичен суд Скопје вели дека не се точни наводите кои се пласираат во јавноста дека тој изнесува само два проценти.
„Ве уверувам дека и на оваа меѓународна конференција организирана од Здружението на судии ќе чуете дека рејтинзите со кои се манипулира во јавноста во однос на довербата на граѓаните во судството од два проценти не се точни“,вели Џолев.
Инаку, робусната битка против корумпирани обвинители и судии, за која и Џолев денеска беше прашан за коментар, премиерот Мицкоски во неколку наврати ја најави минатата недела и кажа дека со неа почнуваат од оваа недела.
Премиерот Мицкоски, како во предизборието така и по добивањето на изборите и формирањето на новата влада, во повеќе наврати говореше дека нема да се откаже од идејата за распуштање на Судскиот и на Советот на јавни обвинители доколку не добие подобри идеи за реформи во овие две тела.
Судскиот совет, како и обвинителскиот, засега не се распуштени. Но, во понеделникот, сега веќе поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева си поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која беше констатиран истиот ден. Во образложениот таа обвини за притисоци за нарушување на нејзиниот личен интегритет, кои доаѓале и од собраниската говорница, а во таа насока посочи на премиерот Христијан Мицкоски и пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
На жестоки критики од ВМРО-ДПМНЕ изминатиов период се најден и државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, за кого од владејачката партија велат дека шест месеци нема покренато ниту едно обвинение и оти е целосно одговорен за непостапувањето и неработењето на обвинителите под него.