Општеството како панцирна кошула

Ако општеството си го претставиме како панцирна кошула, во кој секоја дејност во општеството би била едно од прстенчињата во плетката, да видиме каква цврстина би имала нашата панцирна кошула, тоест нашето општество. Инаку, да дообјаснам малку за панцирните кошули. Во времињата кога биле користени, тие биле релативно добра заштита за телото при ангажирање во борба, бидејќи густите челични прстени, со својата верижна структура добро ги апсорбирале ударите од сечивата, а понекогаш дури и од пробивние врвови на залетаните стрели. Панцирните кошули се структурирани така што, иако постоеле повеќе плетки, највообичаената е таа кај што едно прстенче држи четири други. Тие се сите добро затворени, заковани, не само притиснати, така што сите прстенчиња се во меѓусебна “соработка” и “зависност”. Следејќи ја оваа аналогија, да видиме колку нашите прстенчиња, односно различните дејности во општеството , се добро затворени и каква цврстина даваат.

Ќе тргнам, на пример, од мојата област, визуелните уметности, бидејќи таа најдобро ја познавам. Ако го изземеме основното образование, кое е засебно прстенче на кое се прикачени сите други прстенчиња, визуелните уметности кај нас почнуваат, поточно имаат можност да започнат со средното училиште за применета уметност, по мене многу добра основа за почеток на изградба на еден ликовен творец. Потоа доаѓа Факултеот за ликовни уметности. Потоа… потоа почнуваат проблемите прстенчето да се затвори. За многумина после завршување на ФЛУ, работата ќе ја пренасочат во некои применети области, диазајн и слично. Но за тие што би сакале да се занимаваат само со класичните изрази, сликарство, вајарство или да бидат таканаречени слободни уметници, веќе станува проблематично. Во средените општества, каде што прстенчињата се добро затворени, работите одат вака. Постојат галерии, кои по својот афинитет ги одбираат уметниците со кои би сакале да соработуваат, им организизраат изложби и преку своите клиенти им овозможуваат продажба на делата, крајната цел со која прстенчето се затвара. На некој начин тие се менаџерите на уметникот. Со тоа оние кои веќе се определиле да се бават со уметност можат да имаат достоинствен живот и можност да се бават со својата работа за која се определиле дека сакаат да ја работат. Кај нас такво нешто не постои. Освен неколкуте институционални галерии до кои се доаѓа преку конкурс на државата и неколку таканаречени “независни” културни центри кои зависат од туѓи донации, уметникот кај нас и да направи изложба во некои од нив, нема друга сатисфакција освен да му дојдат пријатели, да му честитаат, чепнат од коктелчето, а уметникот да си пише во сиви дека имал изложба.

Продажбата, ако воопшто ја има, е оставена потполно на него и неговите менаџерски способности и најмногу познанства. Така е и во другите области во културата, каде што целата културна продукција зависи од Министерството за култура. Државно си е државно, ќе рече комшо. Затоа имаме субвенционирана култура која на крај нема соодветна крајна инстанца, односно конзументи. Литературата нема читатели, Музиката нема слушатели, филмот и претставите немаат публика, поточно нема доволно од оние кои би дале пари за книга, плоча… И не е само тој, економскиот момент. Кај нас уметниците, не по своја вина, не партиципираат во подигнување на културното ниво, во смисла на одржување јавни дискусии, јавни предавања.

Повеќе немаме ни списание ниту емисија за култура во нашите медиуми. Постои само естрадна квази култура која најммногу се бави со покривање на настанот, но не и со некоја поголема суштина. Од друга страна, нашите богати поединци и фирми, вложуваат само во одредени спонзорски дејности, но не сум видел некој богат поединец да вложи во филм, театарска претстава, некоја банка на пример да откупи дело од уметник, дали слика дали скулптура. И не е тоа така само во културата. Така е и со многу други области во кои вложува ДРЖАВАТА, а производите немаат понатамошен пласман. Да не ги спомнувам здравството и образованието со своите проблеми. Многу прстенчиња незатворени.

Сега, да се запрашаме, каква е нашата панцирна кошула, во која прстенчињата не само што не се дозатворени туку се и кородирани од преголемата изложеност, на корупцијата, некомпетентноста, непотизмот, паартиските политики, шундот и кичот. И колку оваа наша недоисплетена панцирна кошуле би била отпорна на безмилосните удари на светските кризи, од било кој вид, кои знаеме дека се јавуваат од време на време?

Знам дека комшо мисли дека наша драга Македонија е покриена со панцир од светол митрил, тој мистичен непробоен материјал од бајките, исткаена уште во древните времиња од нашите јуначки прататковци, украсен со шеснаесеткраакото сонце на градите.

Но, јас сепак мислам дека е крајно време, како ковачи на сопствената среќа, да земеме и да се нафатиме озбилно на репарирање на нашата реална панцирна кошула. Со чеканот на правото, наковалната на одговорноста и огинот на ентузијазмот.

Матеј Богдановски

Back to top button
Close