Општина Карпош на врвот по квалитет на е-услуги преку веб-страната

Општина Карпош е на врвот по квалитет на услуги кои се овозможени преку веб – страната. Ова го потврдува Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој се однесува на сите единици на локалната самоуправа.
Основната цел на ревизорскиот тим на ДЗР за оваа ИТ ревизија е да се направи објективна и системска проверка, дали квалитетот на услуги кои ги даваат општините преку своите веб страници овозможуваат полесно остварување на правата на граѓаните, со помалку потрошено време и со пониски трошоци.
– ИТ ревизијата ја проверуваше достапноста на услуги преку www.karpos.gov.mk; и тоа за споделени информации за Буџетот и завршни сметки; објавени формулари и линк за административни такси; воспоставен дел за пријавување на проблем и статус на решавање на проблемот; спроведени анкети за задоволството на граѓаните од услугите на локално ниво; имплементација на ISO 9001 стандардот; донесени стратешки планови и безбедносен пристап до веб порталите, наведуваат од Општина Карпош.
Општина Карпош е меѓу единствените ЕЛС, кои имаат прилагоден пристап на лицата со попреченост на својот портал.
– Локалната самоуправа континуиранo работи на ажурирање на својата веб страница и овозможување на повеќе услуги преку истата. Преку www.karpos.gov.mk, граѓаните можат да комуницираат со општинските сектори, да се информираат за предучилишното и основното образование, да видат како можат да го одложат отпадот од домаќинството, да пријават корупција, да стапат во контакт со подрачните одделенија на други институции и сл. Во изминатиот период, општина Карпош беше прогласена и за најтранспарентна државна институција во земјава, заедно со Министерството за одбрана, по Извештајот на Центарот за граѓански комуникации, се вели во соопштението.





