Ѓорѓиевски објави видео од чистењето на депонијата во околината на Рашче

Чистењето на депонијата, вели градоначалникот, се спроведува иако не е под надлежност на Град Скопје

По обвинувањата на СДСМ дека во заштитеното еколошко подрачје на Рашче тлее нова еколошка катастрофа од која под закана се доведува изворот кој го снабдува главниот град со вода, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, порача дека, и покрај тоа што не постои основа за ваквите тврдења, депонијата денеска се расчистува.

 

 

Чистењето на депонијата, вели Ѓорѓиевски, се спроведува иако не е под надлежност на Град Скопје.

 

„Во голема и координирана акција се отстранува површинскиот отпад од долгогодишната депонија во Радуша, локација околу која изминативе денови се создаде непотребна паника и се пласираа тврдења дека наводно е загрозена водата од изворот Рашче. Потенцирам дека депонијата се наоѓа на неколку десетици километри од заштитената зона на изворот Рашче и не претставува основа за тврдењата што се ширеа во јавноста“,

 

напиша Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук додавајќи дека водата во Скопје е безбедна.

Во прилог на фејсбук-објавата тој сподели и видео од расчистувањето на депонијата.

 

 

Од опозицискиот СДСМ вчера обвинија дека во заштитеното еколошко подрачје на Рашче тлее нова еколошка катастрофа од која под закана се доведува изворот кој го снабдува главниот град со вода. Оттаму прашаа кој го дозволува ваквиот еколошки геноцид и кој гарантира дека водата за пиење во Скопје е безбедна.

Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција ги отфрли како лажни наводите дека постои опасност за контаминација на водата во градскиот водовод од депонијата која, како што рече, постои изминатите 30 години.

 

Back to top button
Close